Кандидатот за градоначалник на Гостивар од редовите на Левица, Дарко Грујоски, остро ја критикува дволичноста на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања за локалните избори.
Според него, владејачката партија се води исклучиво од калкулации и политичка корист, без политички принципи или чесност.
„Таму каде што анкетите не им одговараат и каде што вториот круг им се заканува со лош резултат, како во Струга и Тетово, веднаш почнуваат со приказни за наводни ‘задкулисни коалиции’. Но, кога станува збор за Гостивар, таму молк“, истакнува Грујоски.
Тој појаснува дека и во Гостивар, како и во другите градови со значително албанско население, постои коалициониот партнер ВЛЕН, но ВМРО-ДПМНЕ свесно го игнорира прашањето за „коалиции“, бидејќи вториот круг им одговара и смета дека со притисоци врз гласачите можат да извлечат корист за својот коалиционен партнер.
„Левица нема никакви коалиции со никого. Сите овие обвинувања се измислица и политичка конструкција на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ја менуваат приказната според тоа дали нивните браќа од ВЛЕН губат или им одговара исходот“, нагласува Грујоски.
Тој апелира до граѓаните да ја препознаат оваа дволичност и да бидат свесни дека владејачката партија се води единствено од борба за власт по секоја цена.

