Од полноќ официјално започнува 20-дневната кампања за Локалните избори 2025, што ќе се одржат на 19 октомври, додека евентуалниот втор круг е закажан за 2 ноември. Државната изборна комисија на седница во петокот го заклучи Избирачкиот список, во кој се запишани вкупно 1.832.415 избирачи.
Право на глас имаат и 112.000 граѓани кои се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои во моментот се наоѓаат во затвор или притвор и 450 лица сместени во домовите за стари. За изборите се обезбедени 3.480 избирачки места низ целата држава, а буџетот за нивно спроведување изнесува 9,76 милиони евра, од кои најголемиот дел се пари за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Локалните избори годинава ќе бидат осми од независноста на Македонија и четврти на кои се избираат и градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Вкупно 309 кандидати ќе се борат за градоначалничките функции, а 576 листи со 10.490 кандидати ќе се натпреваруваат за советничките места.
Сепак, кампањата ќе започне во сенка на скандал – единствено партијата Левица е исклучена од можноста за платено политичко рекламирање во приватните медиуми. Од партијата реагираа дека тоа е преседан без преседан во демократската историја на земјата, бидејќи иако на сите останати парламентарни и вонпарламентарни партии им се доделени пакети за медиумска застапеност, Левица е едноставно изоставена, како „да не постои на политичката сцена“.
„Ова е директна последица на политичкиот притисок од премиерот, спроведен преку директорот на АВМУ Зоран Трајчевски. Но сакаме да порачаме – ова нема да помине. Напротив, ќе се врати како бумеранг. Народот гледа како на една партија ѝ се прави класична неправда“, изјавија од Левица.
Партијата најави тужба до Уставниот суд со барање за времена мерка, а доколку институциите ја избегнат одговорноста, случајот ќе биде проследен и до Европскиот суд за човекови права во Стразбург.
И покрај ваквите обиди за цензурирање и дискриминација, Левица тврди дека нивниот рејтинг не е намален – напротив, поддршката се зголемува, а очекувањата се дека токму на овие локални избори ќе го постигнат својот „историски максимум“. „Не можете да спречите пролет, дури и да ги искорнете сите кокичиња“, порачаа од партијата.

