(Видео) Димитриев одби да потпише кодекс: Фарса од фер избори под диригентска палка на ДИК и АВМУ

Кандидатот за градоначалник на Левица за Аеродром, Марјан Димитриев, на обраќањето пред Општинската изборна комисија жестоко реагираше на одлуката на ДИК и АВМУ со која Левица е исклучена од можноста за рекламирање на медиумите за време на кампањата. Тој ја нарече мерката „брутален напад врз еднаквоста во изборниот процес“ и демонстративно одби да го потпише, како што го нарече, „срамниот и смешен кодекс за таканаречени фер и демократски избори“.

Денеска, пред Општинската изборна комисија, за време на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, ја информираме јавноста за еден тежок скандал и брутален напад врз принципот на еднаквост во изборниот процес.

Имено, со срамна и целосно недемократска и неуставна одлука на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Државната изборна комисија (ДИК), политичката партија Левица е практично исклучена од можноста за рекламирање на медиумите и телевизиите за време на официјалната изборна кампања.

Со ова се прави директен обид за маргинализација и цензура на нашата партија, која е трета политичка сила во државата и единствена автентична опозиција. Ова е јасен показател дека во Македонија не се овозможува рамноправна изборна трка, туку се фаворизираат старите и компромитирани партии на власта и на т.н. „опозиција“.

Парадоксално е токму во моментот кога партиите потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори институциите задолжени за обезбедување еднакви услови го газат истиот тој кодекс и прават политичка дискриминација.

Поради забраната на Левица да се рекламира за време на кампањата на медиумите и телевизиите ние демонстративно и гласно одбиваме да го потпишеме овој срамен кодекс за таканаречени фер и демократски избори кога принципот за фер и демократски избори веќе е прекршен од страна на институциите кои треба да се погрижат изборите да се фер и демократски.

Го повикуваме медиумскиот сектор, граѓанските организации и меѓународните набљудувачи да го осудат овој скандал и да застанат во одбрана на еднаквите изборни услови. Бараме веднаш да се повлече оваа одлука и да се овозможи правичен медиумски третман за сите учесници во изборната трка.

Левица нема да дозволи оваа неправда да помине молкум и ќе ги искористиме сите правни и демократски средства за да ја разобличиме и поништеме оваа дискриминација, изјави кандидатот за градоначалник на Аеродром од Левица, Марјан Димитриев.