- Колумна на Гаврил Трајковски, Советник во Општина Битола од Левица.
Поминаа четири години од мојата активност во Советот на Општина Битола и сметам дека ви должам краток извештај за моето дејствување.
Левица започна многу иницијативи, а една од ударните беше поставувањето на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија во неколку училишта.
Се залагавме и за укинување на зонското паркирање со пренамена на тие зони во пешачки и велосипедски патеки, но локалната самоуправа немаше слух и ги остави истите да служат како „легален рекет“ за битолчани. Затоа, предложивме хуманитарни паркинзи за дел од средствата да одат кај оние на кои им се најпотребни.
Предложивме и бесплатни градинки за битолчани, но тие избраа трошење на илјадници евра на угостителски и хотелиерски услуги. Иако потоа предложивме општината да ја покрие барем хранарината во градинките, и тоа беше одбиено додека тие се гоштеваа на општинска сметка.
Левица беше единствената партија која застана против фаворизирањето на ПСК Пелистер, на кое му беа доделени над 13 милиони денари за изградба на ПД „Копанки“ без јавен повик, а Советот донесе одлука со која го спаси градоначалникот од кривичен прогон. Објектот сеуште не е реконструиран, а со ова темпо на работа истот за скоро нема ни да биде.
Јас бев и првиот кој побара финансиски средства за Ален Рустемовски, шампионот во бокс, како награда и помош за поголеми успеси во иднина. И додека едвај имаа слух за оние кои редат успеси, со години молчеа за криминалот во ФК Пелистер. Дури и на една од комисиите на Советот на Општина Битола, на прашањата поставени од моја страна поранешниот претседател Митко Стојковски призна дека тренерите ги собираат финансиските средства наместо истите да бидат уплатени на официјалната сметка на клубот, што претставува кривично дело. Ниту една институција до денес се нема заинтересирано да истражи дали има злоупотреба на финансиски средства во ФК Пелистер.
Во континуитет се залагавме за набавка на автобуси за јавен превоз и за формирање на функционално претпријатие. Затоа што со тоа значително ќе се намали сообраќајниот метеж во градот, а истовремено ќе се намалат и трошоците за превоз на граѓаните.
Кога застанавме против измената на ДУП-от за Четврт Запад 9 блок 3.09 03 бидејќи со таа измена се наштетува на буџетот на општината и се фаворизираат фирми блиски до ДПМНЕ, локални пајташи на ДПМНЕ ни упатуваа закани по живот. А поради таа промена, тие имаат финансиски бенефиции на сметка на Општина Битола. Тогаш ДПМНЕ, Поинаку и СДС мудро молчеа и тивко гласаа за таа измена.
Застанавме и во одбрана на пазарџиите, откако беа принудени да се тргнат од паркингот на пазарот. За четири години не беше најдено решение да им се обезбедат нормални услови за продажба, со што и ЈП „Пазари“ се соочи со милионска загуба.
Поднесовме иницијатива и за дневен центар за лица со интелектуална попреченост, но локалната самоуправа немаше слух ни за тоа. Па овој горчлив проблем го имаме и денес, каде родители на тие лица се оставени сами на себе, без никаква помош од општината.
Побаравме и изработка на проектна документација за ободниот канал над Кркардаш, кој треба да нѐ штити од поплави. За жал, денес тој е затрупан, а целиот тој предел треба да се претвори во рекреативна зона. Но таа иницијатива е само парче хартија во кабинетот на градоначалникот.
Секој што го следел Советот во изминатите четири години знае како сме дејствувале и за што сме се залагале.
Затоа, на овие избори ја барам поддршката на битолчани во поголем број, со цел пркосот во Советот да биде поголем, а гласот на битолчани посилен!
Време е битолчани да одлучуваат за Битола!

