Кандидатот за градоначалник на Гевгелија од Левица, Тони Аврамов, порача дека иако властите преку контроверзно толкување на Изборниот законик ѝ го ускратиле правото на Левица за рекламирање на Националните медиуми, тој нема да се откаже од позитивна кампања. Аврамов нагласува дека со овој потег се гази еднаквоста и плурализмот во државата, но додава дека неговата сила лежи во довербата на граѓаните и во борбата за фер изборен процес.
Почитувани пријатели,
се кандидирав за градоначалник на Општина Гевгелија затоа што сакав да придонесам за развој на деомократските процеси во нашата земја со чесно, искрено и транспарентно работење.
Поддржан сум од голем број граѓани од нашата Општина, и затоа имам огрома почит кон секој, поддржан сум и од партијата Левица, претпоставувајќи дека ја препознаа мојата досегашна работа и искреното досегашно мое вложување во општествените процеси. Не сум член на ниту една политичка партија и имам целосна почит кон моите противкандидати, тие не се виновни за одлука на властите – да се одзема правото на Левица да се рекламира на националните медиуми. Затоа сметам дека не влегувам подеднакво во борбата за освојување на градоначалничкото место со нив од причина што власта преку контроверзно толкување на Изборниот законик врши финален удар врз демократијата – ускратува пари, забранува пристап до телевизии и ја става Левица во нефер позиција.
Ова значи дека јас не ќе можам да се рекламирам и да ги искажам моите идеи и проекти на националните медиуми, но продолжувам со позитивна кампања верувајќи во сите вас.
Откажување и потклекнување нема! ДОСТА Е!
Во предвечерието на Локалните избори го кревам мојот глас! Повторно ќе бидам истиот и ќе се борам знаејќи дека мојата сила не е само во моето дејствување туку и во довербата што секојдневно ми ја давате.
Не потпишувам документ за „фер изборен процес“ затоа што уште незапочнати со кампања властите докажуваат како ќе дејствуваат, ја газат еднаквоста и рамноправноста убивајќи го плурализмот во земја членка на НАТО и кандидат за членка во Европската Унија.
Македонија ни припаѓа на сите нас, патриотизмот што го носиме во срце, не им припаѓа само на поединци, напротив истите тие со овој чин докажуваат дека личниот интерес го ставаат пред интересот на татковината и граѓаните.
Да не заборавиме ТАТКОВИНАТА сме сите ние!
Народот гледа, и нема да дозволи изборниот глас да биде украден, напиша Аврамов на својот Фејсбук профил.

