Овој петок во кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“, здружението „Култура Бета“ го организира второто издание на фестивалот за алтернативна и критичка култура посветен на младите. „РЕ-КУЛТУРА“ е името на овој дводневен младински фестивал кој започнува со поетски настан во петок, во 12 часот и ќе трае до сабота..
Овој младински фестивал годинава ќе понуди квалитетни содржини кои не само што се фокусирани на многу различни аспекти од младинската култура, туку се насочени и кон нејзино критичко промислување и истражување. Програмата започнува со поетскиот настан „Се читаме“ во 12 часот во петок, каде поети од различни генерации читаат заедно со цел запознавање на меѓусебните поетики и зголемување на меѓугенерациската комуникација кога станува збор за читањето поезија и пишувањето. Влада Урошевиќ, Весна Ацевска, Санде Стојчевски, Иван Џепаровски, Зоран Анчевски и Виолета Танчева Златева читаат заедно со Љубица Шопова, Андреј Ангеловиќ, Марија Велинова, Ивана Јовановска и Стефан Спасовски.
Програмата во петок, продолжува од 18 часот со дискусијата „Уметникот како активист: избор или потреба”, на која модераторката Калина Качоровска разговара со Борјан Гаговски, Мања Величковска и Бојан Шашевски. Веднаш потоа следува промоцијата на младинското списание „Тригер“ за која ќе зборуваат Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, а ќе ја водат Душица Лазова и Ирена Стевановска. За крајот на првиот ден на фестивалот е предвидена џем сесија и поетски перформанс на кој ќе учествуваат: Борјан Гаговски, Дарио Циевски и Меј како музичари, ако и поетите: Гала Матевска, Ива Петреска, Андреј Ал-Асади, Марија Ангеловска, Милена Сиљановска, Викторија Ангеловска и Ана Тодоровска. Вечерта ќе заврши со сет на Дона Илијевска.
Вториот ден на фестивалот ќе се одвива со програма паралелно во „Буква“ и во „Илика“. Во „Илика“, програмата започнува со музички избор на поетесата Ивана Јовановска од 12 до 15 часот, диџеј сет на Калина Каџоровска и Наде Циева од 15 до 18 и концерт на Марко Печеновиќ од 17 и 30 часот. Паралелно, кафе- книжарницата ќе биде претворена во донаторски базар за книги, плочи и цедеа кој ќе трае цел ден. Истовремено, ќе се одвива групна изложба на концертна фотографија на која изложуваат: Ема Трајковска, Сара Богоева, Тина Филиповска и Никола Атанасов, курирана од Наде Циева. Таа особено се осврнува на промоцијата на првиот број на субверзивното младинско списание „Тригер“ кое е особено значајно за младинската сцена“.
Кафе книжарницата „Буква“ ја започнува саботната програма во 13 часот со работилница со „Скопје колаж колектив“, настан за сириска протесна музика со Хана и Борис од 18 часот, и промоција на новата книга на Андреј Медиќ Лазаревски насловена „Багет полн полжави полиени со уље истечено од вардаровите галии“ во 21 часот. Збирката ќе ја промовираат Калина Качоровска и Стефан Спасовски. Фестивалот завршува со танцување, односно со TURBO XXX CLUB: ModemPriest, ShefShef, WhoreMoans и нивниот музички избор.
Следи го Антропол преку Google 
