Во Ликовниот салон во Велес е отворена патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“, која преку 32 моќни портрети и лични пораки го слави достоинството, силата и чесноста на лицата со попречености од цела Македонија.
Изложбата им овозможува на посетителите да се запознаат со индивидуални животни приказни и пораки кои носат силна инспирација и поттик за промени во општеството. Секој плакат прикажува лице со попреченост, неговата кратка биографија и порака до јавноста, претставувајќи ги не само како приматели на грижа, туку како активни граѓани со сопствени ставови, идеи и вештини.
Настанот е дел од активностите на здружението „Игуалити“, кое повеќе години работи на промоција на еднаквост и инклузија. Претседателот на здружението, Гере Трипков, вели дека целта е да се покаже дека лицата со попреченост се значаен дел од заедницата.
– Со оваа изложба сакаме да испратиме порака дека нашата заедница има умешности и потенцијал и дека општеството треба да биде поотворено и поемпатично – нагласува Трипков.
Патувањето на изложбата започна во Крушево за Илинден, продолжи во Гевгелија и Ресен, а по Велес ќе ја посетат и Крива Паланка, Делчево, Струмица и Свети Николе. Финалето ќе се одржи во Скопје, каде што ќе биде заокружена оваа силна порака за поддршка, видливост и разбирање.

