Со блокада на улицата пред Собранието, Движењето „Ниту една повеќе“ вчера одржа протест на кој го изрази револтот поради недоволната заштита што ја добиваат жените жртви на насилство.
„Наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме – ниту една повеќе,“ порачаа учесниците на собирот, истакнувајќи дека жените и во Македонија, како и во светот, се оставени незаштитени од институциите.
Од говорницата беше побарано да се извршат измени во Кривичниот законик со цел поостра казнена политика и поефикасна заштита на жртвите. Организаторите најавија дека вакви протести ќе се одржуваат секој четврток, како континуиран притисок врз институциите.
На настанот беше упатен и повик сите заинтересирани да ги споделат своите искуства и приказни за насилството, со цел да се крене јавната свест и да се создаде поширока солидарност.
Со оваа акција, Движењето „Ниту една повеќе“ повторно потсети дека борбата за еднаквост и заштита на жените од насилство не смее да остане само симболичка, туку мора да се преточи во конкретни законски и институционални промени.

