Во Културно-информативниот центар – Скопје, Продажен ликовен салон, на 02 октомври (четврток) ,со почеток од 20 часот ќе се отвори мултимедијалната изложба од ликовниот уметник Христина Крстеска насловена „Инхерентно инертни“.
Колку се стари планините? Колку брзо се движат гребените? Колку длабоко продираат карпите?
Зборот колку навестува нешто мерливо, како што е времето, брзината или длабочината. Но, она по што Христина Крстеска трага во својата уметничка пракса можеби поточно би го опишале со прашалниот збор како.
Како се живи карпите? Како стареат планините? Како никнуваат гребените?
Да, би можеле и овие прашања да ги одговориме научно и Христина тоа делумно го прави во нејзината книга Raw Breathing – Travelling Through Rockscapes. Но, во свет натежнат од климатски колапс и војни, кој човештвото го создава низ експлоатација, исцрпување и насилство, не е доволно да се задржиме само на тоа што е мерливо. Опстанокот на светот зависи од нашата способност да чувствуваме и да доживуваме, а најмногу од сѐ да ја препознаеме оживеаноста на сите делови од светот кои човештвото ги класификува како неживи, или кои ги третира како такви.
Во својата пракса, Христина успева да разоткрие и документира дел од јазикот и постапките со кои луѓето се служат обидувајќи се да се соочат со својата немоќ. Сепак, се чини дека во длабоката потрага по возвишеност и значење, луѓето погледнуваат кон карпите и, во нивната величенственост, го наоѓаат во себе токму тоа на што Христина инсистира – нашата способност да ја согледаме вродената оживеаност на целиот свет.
Слично на карпестите формации кои се нејзиниот личен и професионален фокус, така и уметничката мисла на Христина се развива бавно и тивко, со длабочината и присуството кои ги одликуваат овие карпести џинови. Нејзиниот израз е истовремено воздржан и дарежлив, полн со посветено и истрајно укажување не само на егзистенцјалната итност со која сме соочени, туку и на богатството од искуства до кои имаме пристап кога сме во длабоката еротичност на контактот со живоста на светот. – Клелија Живковиќ.
Кратка биографија:
Христина Крстеска (1995) е визуелен уметник и истражувач. Има завршено дипломски и магистерски студии на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, област сликарство но нејзината уметност се базира на мултимедијални практики. Во полето на уметноста таа работи со интердисциплинарен пристап, учејќи за геологијата, со фокус кон истражување на карпести пејзажи кои на било каков начин биле под влијание на човечки активности и разгледувајќи ги геоморфолошките промени кои се случуваат поради антропогени процеси. Во декември 2023 ја издаде својата прва уметничко – истражувачка книга Raw Breathing – Traveling through rockscapes поддржана од студиото Private Print во Скопје. Има реализирано неколку изложби и соработувано со повеќе уметници од македонската сцена. Христина има учествувано и во многу групни изложби, проекти и работилници од партиципативен карактер, социјално ангажирани уметнички практики, неформални уметнички предавања, како и проекти за подигнување на свеста за заштита на животната средина.
Изложбата ќе биде отворена до 14.10.2025 година.
Следи го Антропол преку Google 
