- Колумна на Антонио Димитров, кандидат за градоначалник на општина Карпош
Карпош не е обична општина. Карпош отсекогаш бил повеќе од обична урбана целина. Tоа е место каде што историјата и современото живеење се испреплетуваат. Оваа општина не е само простор за живеење, туку жив музеј на културата и духот на нашите предци. И токму затоа, начинот на кој се однесуваме кон ова наследство е мерка за тоа колку ја почитуваме својата иднина.
На оваа територија лежи нашето историско и културно богатство: од Крстовар и Пантелејмон, преку Скупи и аквадуктот, до хамзи-пашините конаци. Но наместо да ги негуваме и претвораме во гордост и привлечност, тие се оставени да пропаѓаат. Тоа е огледало на неодговорноста на старите власти. Јас ветувам дека ова наследство ќе биде ставено на вистинско место: во срцето на нашата општина и нашата иднина.
Дали знаете ли дека врвот Крстовар на Водно е дел од нашата Општина Карпош? Од оваа највисока точка на градот се гледа целиот потенцијал што го имаме, и природен, и урбан. Карпош може да биде водечка општина и по убавината на својата природа, но и по квалитетот на животот што го нуди. Дали знаете ли дека еден од најзначајните историски споменици во Македонија Аквадуктот, се наоѓа во нашата Општина Карпош? Овој уникатен објект, стар неколку векови, сведочи за богатата историја и урбан развој на нашиот град. Иако Министерството за култура со години ветуваше реконструкција и уредување на Аквадуктот, ништо конкретно не е реализирано, оставајќи го запуштен и заборавен да тоне во отпад. Наша обврска е тоа да го промениме и Аквадуктот да стане вистинска туристичка атракција и културен симбол на Карпош.
Античкиот град Скупи е сместен во рамките на нашата општина и е еден од најважните археолошки локалитети во државата. Тој е сведоштво за животот и културата на овој простор низ милениуми. Државата со години најавува систематска заштита и промоција, но Скупи се уште нема уреден пристап, нема туристички центар, ниту основни услови за посетители, иако е едно од најважните археолошки богатства во Македонија. Скупи заслужува повеќе внимание и вложување, за да стане достапен и привлечно место за посетителите.
Црквата „Св. Пантелејмон“ сместена во нашата општина, во с. Горно Нерези, е еден од најубавите духовни и културни споменици, позната по своите фрески кои претставуваат ремек-дело на византиската уметност. Фреската „Оплакување Христово“ се смета за предвесник на ренесансната уметност и е создадена пред италијанската ренесанса и истоимената фреска на Џото во Падова. Овој бисер на културата мора да биде зачуван и промовиран, како гордост на Карпош и на цела Македонија.
Знаете ли дека во Општина Карпош се наоѓаат Хавзипашините конаци, историски објекти од османлискиот период? Тие се сведоштво за урбанистичкото и архитектонското наследство на Скопје, прикажувајќи стилови, материјали и просторна организација карактеристични за османлиската култура. Овие конаци заслужуваат вистинска грижа и промоција како културно наследство на Карпош и Македонија.
Ако сакаме Карпош да биде општина со која ќе се гордееме, мора да научиме да ја чуваме и негуваме својата историја. Само така ќе изградиме иднина што ќе биде стабилна, убава и привлечна и за нас и за генерациите што доаѓаат. Мојата визија е јасна – Карпош да стане пример како се спојуваат традицијата и модерното живеење, а културата и наследството да бидат двигател, а не заборавена сенка.
Карпош мора да се обнови и тоа, не преку нови и непотребни проекти за сликање, туку преку реконструкција и оживување на она што веќе го имаме: парковите, училиштата, спортските игралишта, историското наследство кое треба да биде гордост, а не заборав.
Моја цел е Карпош да стане пример, општина која работи чесно, општина која инвестира во луѓето, не во џебовите на поединци. Знам дека ова не е лесна битка. Но знам и дека граѓаните на Карпош заслужуваат повеќе.
Со заедничка работа и визија ќе направиме Карпош уште подобро место за сите нас. Карпош заслужува повеќе од запуштеност и импровизации.
Оваа кандидатура е мој личен залог дека можеме поинаку. Карпош не смее да биде плен на старите партии и нивните криминални апетити. Време е да избереме пат на чесност, визија и работа. Време е Карпош повторно да биде општина со која сите ќе се гордееме.

