Тодоровски: Дали е неизбежен глобалниот судир на Змејот и на Орелот?

Интервју со Тодоровски Дарко – Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација и воен аналитичар. Прв дел.

Антропол: Во последните години гледаме како Кина е сѐ позначаен играч на светската сцена, со огромен раст на економијата и воената моќ. Во меѓувреме, САД сеуште се сметаат за најголем светски полициски шеф, а Европа е некаде помеѓу, економски зависна од Кина, а безбедносно од Вашингтон.

Можете ли да ни објасните како ја оценувате оваа сложена геополитичка конфигурација? Како се позиционираат овие три големи сили во моментот?

Тодоровски: НР Кина се труди по секоја цена да ја избегне конфронтацијата со САД, но Вашингтон, без разлика кој е на власт, уште од 2011 година зеде курс на конфронтација со НР Кина.

Не постои триаголник помеѓу НР Кина, САД и ЕУ, и во моментов во светот постојат два технолошки екосистеми, Американскиот и Кинескиот. Европа, или поточно ЕУ, нема своја сопствена надворешна, воена и технолошка политика,  и во најголем дел овие политики на ЕУ се потчинети на американските интереси. ЕУ не е глобален фактор, и самата ЕУ е виновна за тоа. Плус САД се најголем трговски партнер на ЕУ.

Во услови на глобална конфронтација и конкуренција помеѓу НР Кина и САД, другите држави ќе бидат приморани да изберат страна и да се приклучат на еден од овие два технолошки екосистеми. Веќе е во тек одбирањето на страна, и полека се оцртуваат контурите на линијата на конфронтација помеѓу НР Кина и САД.

Останува да видиме дали НР Кина и САД ќе успеат да ја избегнат „Стапицата на Тукидид“ и конфронтацијата да ја сведат во определени граници и рамки. Доколку не успеат, не е исклучено во иднина пред се во Југо-Источна Азија и во Африка да има прокси војни помеѓу НР Кина и  САД.

Антропол: Какво е вашето мислење за  тековната геополитичка конфигурација во која Кина станува главен конкурент на САД по економија, технологија и воена моќ, а Европската унија се наоѓа меѓу двата блока, економски зависна од Пекинг, а безбедносно од Вашингтон? Која е најголемата предизвикувачка последица од оваа конфигурација за глобалната стабилност?

Тодоровски: ЕУ е воено, надворешно и технолошки зависна од САД, и не треба да има никакви илузии, ЕУ секогаш ќе биде сојузник на САД.

Технолошкиот подем на НР Кина како резултат на реализацијата на “Стратегијата 2025” е импресивен. НР Кина практично успеа да достигне технолошка независност, и НР Кина денес е глобален лидер во повеќе од 57 од 64 критички и перспективни технологии.

Како резултат на реализацијата на воената реформа и модернизација „План 2027“ НР Кина создаде високо професионална, мобилна и технолошка армија од 21 век. Народноослободителната армија на Кина денес е способна да ги заштити интересите на НР Кина било каде во светот, а морнарицата е способна да ја проектира кинеската политика и да го демонстрира кинеското знаме ширум светските мориња и океани.

Иднината на Новиот Светски поредок ќе го реши исходот од конфронтацијата помеѓу НР Кина и САД во Индо-Пацификот.

Антропол: Сега, ако погледнеме малку поопсежно, прашањето што се наметнува е, што ќе се случи ако САД ја изгубат доминантната позиција во светот? Што би можеле да очекуваме, повеќеполарен свет, нова блоковска поделба (железна завеса) или хаотичен меѓународен систем без јасни правила?

Тодоровски: Пикот на американската глобална моќ, или Pax Americana е на почетокот на ХХI век. Од крајот на студената војна, па се до големата светска финансиска криза во 2008 година светот беше еднополарен. После 2008 година започна периодот на опаѓање на американската моќ, и тоа опаѓање е видливо. САД се повлекуваат од разни региони кои што тие не ги сметаат стратешки важни за интересите на САД, а приоритет му даваат на Индо-Пацификот и судирот со НР Кина. Вакуумот кој што се создаде после повлекувањето на САД од Афганистан и Централна Азија, од Блискиот Исток, од Африка и од дел од Латинска Америка, успешно го искористи НР Кина.

Уште во 2011 година, за време на администрацијата на Обама, САД ја донесе националната стратегија “Свртување кон Азија” чија што цел е конфронтација со НР Кина, и по секоја цена блокира на развојот и подемот на НР Кина.

Не постојат јасни и цврсти меѓународни права. Големите сили ги кршат тие права кога се во прашање нивните национални и стратешки интереси.

Антропол: Исто така, многу експерти зборуваат за судирот на економските модели, односно кинескиот државен капитализам и западниот либерален капитализам. Тоа е суштинска разлика во начинот на управување со економијата и пазарите.

Дали кинескиот модел на државен капитализам и западниот либерален капитализам можат да коегзистираат на долги патеки или нивната суштинска спротивставеност неизбежно води кон глобален судир?

Кој од двата системи е поодржлив на долг рок и зошто, оној што се потпира на државна контрола или оној што му верува на слободниот пазар?

Тодоровски: НР Кина му нуди на светот различен модел и систем за соработка и развој. За разлика од САД, за НР Кина не постои идеолошка поделба. НР Кина соработува и тргува со сите држави, во духот на кинеските традиции. За Пекинг не се важни никакви идеолошки погледи, ниту политички барања, на прв план е економската и трговската соработка и размена, за разлика од САД и нивниот пристап на соработката со другите држави.

Современиот кинески државен модел е спој на старата историска императорска Кина и современата модерна и динамична НР Кина, каде што старите знаења,  модели на управување, филозофии и традиции се преплетуваат со современите знаења, модели на управување, технологии и филозофии.

Двата система ги отсликуваат спецификите и условите во кои што се создадени двете држави, и како тие се развивале. Двата системи имаат свои плусеви и минуси, и истите можат да коегзистираат на долги патеки. Но за разлика од НР Кина која е отворена за соработка и за взаемно почитување, САД во услови на опаѓање на својата моќ сметаат дека НР Кина е главниот стратешки противник, и дека по секоја цена треба да го спречат подемот на НР Кина.

Антропол: Еден од најтензичните регионални прашања е статусот на Тајван, каде што тензиите постојано се појачуваат. Мислењата се поделени од една страна се верува дека ова е реален ризик за конфликт, додека други мислат дека е повеќе политичко заплашување.

Дали конфликтот околу Тајван е реален и непосреден ризик или претежно инструмент за политичко заплашување и колку дипломатијата и економската меѓузависност можат да ја амортизираат ескалацијата?

Тодоровски: Тајванското прашање и враќање во родното пристаниште е од животна важност за НР Кина и за секој кинез. Тоа е важно од историски, воен, економски и геополитички аспект. НР Кина се труди да го врати Тајван по мирен пат, но доколку е потребно, НР Кина и воено ќе интервенира. Тајван има големо значење за НР Кина, и со враќање на Тајван, НР Кина добива контрола над цела Југоисточна Азија. Околу Тајван поминуваат некои од најважните поморски рути во светот, и со нивна контрола НР Кина ќе може да ја проектира својата политика на цела Југоисточна Азија.

Антропол: Покрај тоа, кинеската иницијатива „Појас и пат“ често се спомнува како голем проект на соработка, но и како средство за влијание.

Колку иницијативата „Појас и пат“, реално претставува економска соработка, а колку инструмент за геополитичко влијание и задолжување на помали држави?

Иницијативата „Појас и пат“ е дизајнирана да врши геополитичко влијание во време кога самиот меѓународен поредок се менува. „Појас и пат“ моментално вклучува повеќе од 140 земји, каде живеат повеќе од две третини од светското население, и целиот проект ќе вреди повеќе од  8 000 милијарди долари. „Појас и пат“ не е фиксен и јасно дефиниран проект, туку слободна и отворена визија за можна иднина за триесет години. Иницијативата „Појас и пат“ е во сржта на глобалната стратегија на Кина – а во нејзината суштина е последица на сфаќањето дека со влијание врз урбанизацијата, е можно да се влијае врз меѓународниот поредок и истиот да се менува. „Појас и пат“ опфаќа шест главни коридори за урбан развој, поврзани со патна, железничка, енергетска и дигитална инфраструктура, како и со Поморскиот пат на свилата. Ова е редок историски момент кога подемот на голема сила, односно НР Кина се совпаѓа со почетокот на свесната изградба на инфраструктура и урбано формирање во голем број држави во развој. Стратешката иницијатива на Кина се спроведува на врвот на еден од најинтензивните периоди на урбанизација во човечката историја. Помеѓу 2015 и 2050 година, градското население во светот ќе се зголеми за приближно четири милијарди луѓе. Повеќе од 90% од растот на светската популација во наредните децении ќе се случи во Африка и Азија, при што голем дел од овој раст ќе се случи во региони каде што „Појас и пат“ го проширува своето влијание. Ова е погоден момент да се комбинира геополитичкото влијание, економските односи и идеолошките концепти со изградбата, проширувањето и обновата на градовите. Маршутите на караваните со свила, порцелан, чај, челик, електрични коли, машини, модерни технологии, како во минатото, така и денес преминуваат пустини и планини, рамнини и степи, реки и мориња, соединувајќи заедно многу различни народи и култури. На тој начин НР Кина буквално ги поставува темелите за алтернативен геополитички, економски и технолошки светски поредок.

Антропол: Во контекст на растечките тензии, се забележува и тренд на повторно вооружување во регионот.

Колку опасен е трендот на повторно вооружување во Азија и дали постои опасност од ненадеен „синџир реакција“ меѓу државите?

Светот влезе во ера на милитаризација, и Азија не е исклучок. Покрај тоа, САД, како резултат на “Свртувањето кон Азија” го зголемуваат своето воено присуство во Индо-Пацификот, пред се на островот Гуам, во Австралија, Филипините и во Јапонија. За таа цел е создаден воениот сојуз AUKUS помеѓу САД, Велика Британија и Австралија. САД исто работат на продлабочување на интеграцијата кога е во прашање QUAD. Квадрилатералниот безбедносен дијалог е стратешки дијалог меѓу Австралија, Индија, Соединетите Американски Држави и Јапонија за безбедносни прашања во Индо-Пацифик регионот. Во пракса, главната цел на здружението е да ги ограничи амбициите на НР Кина во регионот на Индискиот и Тихиот Океан.

Главна цел на сите тие сојузи и билатерални воени договори помеѓу САД и некои држави во Југоисточна Азија е стрстешко опкружување на НР Кина, и спречување на нејзиниот развој и прогрес.

Од друга страна, кинеската надворешна политика и демонстрацијата на воената моќ, успеа да ги убеди Индија, Виетнам, Јужна Кореја, Тајланд да не стапуваат во никаков сојуз кој што е насочен против НР Кина.

Доколку дојде до нормализирање на односите со Индија, и нивен понатамошен развој, QUAD ќе се распадне, а НР Кина ќе го обезбеди своето копнено крило од југ, и ќе може целосно да се концентрира на поморската конфронтација со САД.