„Очајно ве молам за помош“ – Порака што ја испратила Росица пет месеци пред убиството до министерот Тошковски

Росица К., младата жена која беше брутално убиена пред неколку дена, уште пред речиси пет месеци испратила очајна порака за помош до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Пораката, објавена на социјалните мрежи по нејзината смрт, содржи потресни детали за прогонството и насилството што го трпела, но и директни обвинувања за пропустите на институциите.

„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безизлезна ситуација… Човекот кој од декември па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид на насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е сè уште на слобода!“, стои во пораката што ѝ се припишува на убиената девојка.

Најшокантниот дел од апелот е тврдењето дека насилникот, и покрај долгата историја на кривични дела и пријави, добил назад пасош од МВР:
„Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“, пишува таа.

Во објавената преписка се наведени и број на предмети во Основното јавно обвинителство, Скопје и Основниот суд Велес, како и име на јавен обвинител, што се поклопува со веќе објавените информации за нејзиниот случај.

Последните зборови од пораката се најсилниот крик што денес одекнува како обвинение кон државата:
„Очајно ве молам за помош“.

Иако со месеци повикувала на помош и доставувала информации до институциите, Росица останала сама пред насилникот кој на крајот ѝ го одзеде животот. Одговорноста за овој исход не може да се бара само кај поединецот кој изврши убиство, туку и кај државните органи кои, и покрај сите предупредувања, не ја заштитија.

Прашањата за тоа дали пораката стигнала до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, што било преземено и зошто насилникот продолжил да се движи слободно остануваат да висат како најтешко обвинение за системот кој повторно задоцни.

Информации превземени од ФБ страната на „Оставка Влада“.

Може да ве интересира