Шестгодишно дете нападнато од улично куче во Кочани – Мајката бара одговорност од институциите

Во Кочани шестгодишно дете било нападнато и каснато од куче скитник, при што добило повреди во пределот на горниот дел од устата и отечено непце. За случајот прва информираше мајката на детето, Ана Симонова, која на социјалните мрежи објави и фотографија од повредите.

„Во саботата на 12.09 детето (6 години) е нападнато и каснато од куче скитник на горниот дел од устата. Детето е со отечено горно непце! Кој треба да одговара за уличните кучиња кои ги има во сè поголем број? Кoja институција е одговорна? Дали некое дете треба да биде распарчено за конечно да почнат да си ја вршат работата?“, напиша Симонова.

Таа предупреди дека во дворот на ОУ „Малина Поп Иванова“ има цел чопор кучиња, поради што учениците се изложени на постојана опасност за време на одморите. „Не можеш да излезеш да прошеташ како човек. Не е само во посоченото училиште, во трговскиот, во паркот тоа е чудо од кучиња скитници, а институциите не си ја вршат работата. Да се срамиш да кажеш дека живееш во Кочани… Страшна работа“, додаде таа.

Граѓаните на социјалните мрежи сè почесто алармираат за проблемот со зголемениот број улични кучиња и бараат од општините и надлежните институции конечно да најдат системски и трајни решенија за нивното згрижување и контрола.

Може да ве интересира