Советникот од Левица во Општина Гевгелија, Никола Петров, повторно ја актуализираше темата за недостигот на институционално решение за сместување и целодневна грижа на лицата со посебни потреби. Тој потсети дека иако Советот веќе поднел иницијатива за изградба на ваков дом, прифатена од градоначалникот Андон Сарамандов, до денес ништо не е реализирано. Петров истакна дека родителите заслужуваат мирна старост и сигурност дека нивните деца ќе бидат згрижени, најавувајќи дека Левица ќе продолжи гласно да се бори за изградба на овој дом.
Денес во еден неврзан муабет со наш сограѓанин повторно стана збор за горливиот проблем на немање институционално решение за сместување и 24 часовна грижа на децата и возрасните со посебни потреби, а чии родители или старатели веќе не се во можност да се грижат за нив.
Најтрагично е кога најодговорните во власта ќе ви кажат да го однесете на згрижување во Невро-психијатриската болница Негорци, иако лице со посебни потреби не припаѓа таму. Но, бидејќи тие, владата и локалните самоуправи, не сакаат да го решат проблемот и за лицата со посебни потреби да изградат дом за сместување со 24 часовна грижа, најлесно им е да кажат носи го во болница за душевни болести. Тоа само бездушни луѓе го можат да го кажат на родител или старател.
Во Советот на општина Гевгелија гласно сме зборувале за овој проблем, и поднесовме иницијатива за изработка на проект за изградба на таков дом, иницијатива која градоначалникот Андон Сарамандов ја прифати, но за жал не ја реализираше, и кој се правдаше дека ингеренциите за тоа се во министерството за труд и социјала.
Но, овде нема да застанеме, ќе продолжиме гласно да зборуваме за ова, и тој дом ќе се направи! Родителите заслужуваат мирна старост и чиста совест, да не се грижат на кој ќе го остават нивното чедо по заминувањето од овој земен свет.

