Кандидатот за градоначалник на Општина Ранковце од Левица, Иван Нешевски, во интервју за Антропол истакна дека неговата мотивација произлегува од долгогодишната стагнација и заборавеност на општината од страна на сите досегашни власти. Како млад човек кој останал да живее во Ранковце, тој вели дека сака да донесе вистински промени за своите сограѓани. Нешевски посочува дека неговите приоритети ќе бидат обезбедување локален превоз, подобрување на комуналните услуги, решавање на проблемите со водоснабдувањето и канализацијата, како и отворање на нови работни места преку привлекување инвестиции и развивање на индустриска зона.
Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Општина Ранковце од политичката партија Левица. Што Ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура?
Нешевски: Тргнувајќи од моето детство па до денес во нашата општина ништо не се променило на подобро, па мотивиран од таквата историја кај мене се пробуди желба да променам нешто со цел да создадеме подобри услови за живеење во нашата општина, но и генерално во нашата држава.
Општина Ранковце е мала општина со околу 4000 жители, заборавени од секоја претходна власт, но и од претходните локални власти кои не направија ништо за нас, туку нивите приоритети беа нивните лични интереси. Погоден од таквата ситуација со години, јас како млад и невработен човек сакам да донесам промени за моите сограѓани, со тоа што ќе помогнеме во развој на општината преку воведување на мерки најнапред за развивање на нашите рурални подрачја со цел изнаоѓање на решенија за отворање на работни позиции за да можат младите граѓани да останат во нашата општина.
Антропол: Кои ги сметате за најголеми проблеми во Општина Ранковце и кои ќе бидат Вашите први приоритети доколку ја добиете довербата од граѓаните?
Нешевски: Она што се јавува како најголем проблем во нашата општина е недостаток од локален превоз. Нашите граѓани за најосновни работи како што се јавување на лекарски прегледи, вршење на управни работи, патуваат најблиску до Крива Паланка, а во голем дел и работат во соседната општина, но она што се јавува како проблем е како граѓаните да стигнат дотаму, а уште полошо нашите сограѓани од околните села како Герман, Отошница немаат превоз ни до Ранковце.
Второ во нашата општина сериозен проблем е вршење на комуналната дејност и немање доволно транспортни средства за вршење на истите. Водоводната и канализационата мрежа исто така се сериозен проблем, а притоа имајќи природна вода за пиење и доволно простор за обезбедување инфраструктура. Тоа е прв приоритет за кој јас ќе се залагам да биде решен.
И најбитното од се недостатокот од работни места бидејќи во општина Ранковце немаме никаква развиена индустрија жителите патуваат во околните општини најчесто и се селат со семејствата во главниот град токму поради проблемот со вработување и обезбедување нормален живот во својата општина. Така да првите приоритети за кои јас ќе се залагам да бидат решени ја се токму обезбедување на работни места преку развивање на индустрија со привлекување на инвестиции, опремување на комуналното претпријатии обезбедување локален превоз и меѓуопштински превоз.
Антропол: Ранковце е општина со голем број рурални населби. Како планирате да ги решавате проблемите со патната инфраструктура, водоснабдувањето и канализационата мрежа?
Нешевски: Патната инфраструктура е доволно уредена, но ќе се работи на поврзување на оние рурални населби што не се поврзани со магистралниот пат како што се патот кон село Отошница, преку кој може да се поврзе и село Радибуш. Водоводната мрежа мора да се засили, за што постои природен пат од изворот Биљино да ја спроведеме водата до севернот дел на село Ранковце, преку која ќе се обезбеди и директно мрежа до село Милутинце, потоа и до другите околни села, до Радибуш и Ранковце и воедно тоа ќе го реши и проблемот со слабиот водовод во истите како и намалување на трошоците за електрична енергија која се плаќа за водоводните пумпи од јужниот крак. Ќе работам на реализирање на веќе постоечкиот проект за воведување на канализационата мрежа за село Опила и Љубинци кој постои, но до денес не е реализиран.
Антропол: Како ќе работите на подобрување на условите за младите, училиштата, спортот, културниот живот и можностите за останување и развој во општината?
Нешевски: Што се однесува до училиштата , тие се доволно опремени, но она што би било од големо значење е воведување на училишна кантина за да можат учениците да се хранат со готвена храна, тоа истовремено би го решило и проблемот со вработување така што ќе се отвораат и неколку работни места за готвачи а тоа би било од огромно значење и помош воедно и за родителите и за учениците.
Обезбедување на стипендии за учениците и студентите од нашата општина е исто така мој приоритет како помош за младите и мотивација за остварување поголем успех. Што се однесува до спортот неопходно е да се обноват нашите спортски игралишта да се работи на нивно одржување, а доста креативно би било и формирање на општински спортски клуб во разни секции каде што ќе можат младите да се развиваат и да ги покажат своите таленти. За рекреација потребно е да го реновираме нашиот постоечки кеј како и изградба на забавни паркови.
Антропол: Една од болните точки на многу општини е иселувањето. Како ќе го спречите одливот на младите од Ранковце и ќе поттикнете економски развој?
Нешевски: Главна причина за иселување на младите од нашата општина е немање на работни места. Ќе се залагам колку што може повеќе во склоп со можностите за вработување во нашата општина да се отвораат повеќе работни места преку доделување помош за развивање на сопствени бизнис идеи како и развивање на индустрија. Во нашата општина нема никаква развиена индустрија и покрај природните можности за истото, па привлекување на инвестиции е нешто на што ќе работам.
Антропол: Што предлагате за заштита на природата и чиста животна средина и дали имате план за справување со диви депонии и за уредување на јавните површини?
Нешевски: Како што напоменав и погоре нашето комунално претпријатие ЈКП – Чист ден е недоволно снабдено со опрема така и со персонал. Едно од начините за заштита на животната средина е одржување на јавната чистота што неопходно е да обезбедам повеќе транспортни возила за собирање на смет како и одвојување на повеќе средства од општинскиот буџет за зголемување на платите на вработените во претпријатието како мотив за зголемување и на бројот на вработените во истото. Друга значајна цел ми е да обезбедам прочистителна станица за канализационата мрежа од село Ранковце.
Антропол: Како ќе обезбедите транспарентно и чесно работење на општината и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките?
Нешевски: Транспарентноста при нашето работење е најважната работа. Секој граѓанин може да ја користи законската дадена можност за учество во одлучувањето на советот за прашања што се од голема важност за општината. Ќе организирам собир на граѓани, јавни трибини и анкети за собирање на мислење од граѓаните.
Исто така ќе има можност за отворен ден во општината каде граѓаните ќе можат да дојдат во моја посета и да разговараме за важни прашања и изнаоѓање на решенија. Граѓаните ќе бидат максимално информирами преку сајтот за јавни информации, но она што е поважно за мене е да ги согледам нивните мислења и предлози пред да бидат донесени моите одлуки, а не прво донесување на одлука па потоа информирање на граѓаните.
Антропол: Земјоделството е еден од столбовите на локалната економија. Како ќе им помогнете на земјоделците во општината и ќе ги поддржите малите производители?
Нешевски: Во нашата општина голем број жители се занимаваат со земјоделие, најчесто за сопствени потреби, но има и потенцијал тоа да прерасне во сериозна економска гранка. Мојата цел е да го поддржиме секој земјоделец кој сака да го развива својот труд во одржлив бизнис. Тоа ќе го направиме преку доделување на општински субвенции и директна координација со државните програми за помош.
Покрај финансиската поддршка, ќе се заложам за обезбедување на соодветна механизација и современи алати што ќе им ја олеснат работата на земјоделците, како и за обуки и советувања во делот на нови агротехники и начини на пласман на производите. Важно е да создадеме и локални пазари и мали откупни пунктови, за земјоделците да имаат каде да го продаваат својот труд без да зависат исклучиво од големите компании или од посредници.
На овој начин ќе ја зајакнеме локалната економија, ќе ги поттикнеме младите да останат во село и да се занимаваат со земјоделие, и истовремено ќе обезбедиме свежа и квалитетна храна за жителите на Ранковце.
Антропол: Ако станете градоначалник, кои три работи би сакале да ги реализирате најбрзо и по што би сакале да ве паметат жителите на Ранковце?
Нешевски: Моите први три приоритетни цели се поврзани со решавање на најгорливите проблеми на граѓаните. Најпрво, ќе се зафатам со обезбедување на локален и меѓуопштински превоз, бидејќи денес нашите жители буквално се оставени сами на себе. Луѓето од селата мораат да патуваат за најосновни потреби како лекар, администрација, работа, а немаат ниту редовна линија, што е недозволиво во 21 век. Со воведување на организиран и достапен превоз ќе го олесниме секојдневието на граѓаните и ќе ја поврземе општината со регионот.
Вториот приоритет е привлекување инвестиции и отворање на индустриска зона во општината. Ранковце има голем потенцијал кој досега никој не го искористил – имаме простор, работна сила и желба за развој. Со правилни мерки и иницијативи можеме да создадеме нови работни места, да ја зајакнеме локалната економија и да им дадеме шанса на младите да останат овде, а не да ја напуштаат општината во потрага по подобар живот.
Трето, ќе работам на проширување и обновување на инфраструктурата, особено во делот на канализационата и водоводната мрежа. Иако имаме природни ресурси и извори на вода, голем број домаќинства сè уште немаат квалитетно и редовно водоснабдување, а проблемите со канализацијата создаваат здравствени и еколошки ризици. Тоа мора да се реши трајно, со квалитетни проекти и соодветно планирање.
На крај, повеќе од сè, сакам моите сограѓани да ме паметат како нивен пријател и како човек кој стоел зад дадениот збор. Не како политичар што ветувал празни зборови, туку како градоначалник што навистина се зафатил да ги решава проблемите и успеал во тоа. Ако Ранковце стане поуредена, посилна и поперспективна општина, тоа ќе биде најголемото признание за мојата работа.

