Кандидатот за градоначалник на Гевгелија од Левица, Тони Аврамов, во интервју за Антропол ја претстави својата визија за општината – град кој се темели на чесност, солидарност и вистинска грижа за граѓаните. Со повеќе од три децении искуство како наставник и новинар, Аврамов вели дека неговата мотивација е желбата да се промени реалноста што секојдневно ја живеат гевгеличани. Тој посочува дека приоритет ќе му биде решавање на децениските инфраструктурни проблеми, создавање услови за младите да останат во својот град и развој на туризмот преку заживување на културното наследство и локалната гастрономија.
Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Гевгелија од политичката партија Левица. Што ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура?
Аврамов: Мотивација постои секогаш и секогаш е од различна природа. Овојпат мотиватор беше желбата да се направи нешто повеќе за моите гевгеличани, да ја промениме реалноста што ја живееме и проблемите што ги имаме. Освен мојата професионална ориентацикја како наставник веќе триесет години се занимавам и со новинарство и можев одблиску да ги следам, но и да ги истражувам состојбите. Можев да согледам како и што се работи, но и кои се ресурсите со коишто располагаа досегашните градоначалници. Не велам дека работеле лошо, напротив, го следев нивното работење сфаќајќи дека можеби во некои сегменти од локалното креирање на политиките треба делумна промена.
Јас не сум професионален политичар, но не се ни моите противкандидати, чувствувам доволно енергија и искуство со граѓаните, заеднички да дејствуваме чесно и домаќински.
Антропол: Кои ги сметате за најголеми проблеми со кои се соочува Гевгелија кои би ги решиле веднаш по преземањето на функцијата?
Аврамов: Проблеми има многу, а решенија малку. Мора да се свртиме кон секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Не може да зборуваме за нови урбанистички планови, а да ги запоставуваме старите населби или централното градско подрачје кое со години останува исто или останува во заборав, а ние гевгеличани веќе да не ја препознаваме неговата убавина.
Ние, граѓаните на Гевгелија и населените места, сите функционираме на сличен начин, она што е приоритет на градот и населените места е замената на водоводната и одводна канализација, замената на азбесните цевки, но не само во одредени делови на градот туку целосно. Се надевам дека досега некои од претходниците има направено целосно мапирање и дека се обидувал да го реши овој проблем, но нас граѓаните никој не нè информирал. Сметам дека со добра организираност на надлежните институции, а пред сè на одделенијата од Општината преку општинскиот буџет, но и европските фондови треба да се направат напори конечно да почне да се решава овој проблем.
Залудно е ние да зборуваме за нови проекти, нови населби, исцртани или создадени видеа со помош на вештачката интелигенција, која однапред знаеме дека не е остварлива, старите да се остават на забот на времето. За жал може да зборуваме за проекти со кои ќе го разубавуваме градот и населените места, а жителите да ги оставиме со старите проблеми кои не обременуваат повеќе од седумдесет години.
Има многу работи кои се приоритетни, но свесен сум дека не може сè одеднаш, да не се лажеме и да ја натрупуваме нашата програма. Потребни се години, но и решавање на проблемите чекор по чекор. Немаме волшебно стапче па да ги решиме сите проблеми наеднаш, колку сум јас свесен толку треба да бидат и граѓаните и затоа од друга страна се залагам за конечно започнување со акции за системско управување со отпадот, реставрација на старите градби заштитени со закон, воспоставување план за селата за да се почувствува промената и кај нив.
Антропол: Туризмот и граничната положба се голем потенцијал за Гевгелија, но често се недоволно искористени. Како планирате да го развивате овој сектор?
Аврамов: Гевгелија не треба да биде само транзитна точка за минувачите, оние коишто попатно минуваат низ неа. Потребно ни е заживување на туристички атрактивни места како што се единаесетте архитектурни споменици на културата, кои буквално пропаѓаат. Освен зградата на библиотеката нити еден од овие објекти не е реставриран, а со нивно обновување тие можат да бидат вистинска туристичка атракција за секој посетител во Гевгелија. Во догледно време ќе биде потребно да се востановат нови манифестации автентични за поднебјето, кои ќе го презентираат минатото на Гевгелија со активности кои ќе бидат редовно практикувани, односно да се организира Ден на свиларството, да се врати старата манифестација „Смоквијада“, да се направи мултимедијален музеј на гевгелиски приказни од каде посетителот ќе може да се запознае со раритетите, спецификите и минатото на Гевгелија и околината, но и да добие информации и насоки како да ги најде и да ги посети. Од особен интерес е да се направат видео продукти што ќе зборуваат за личности кои оставиле белег на овој град, настани што не треба да се заборават… со еден збор да се спои минатото со сегашноста, затоа што погледот во иднината сепак се темели на она што го оставиле нашите предци.
Излетничките места или планинскиот туризам не нудат содржини, локалната гастрономија е надалеку позната, но не е доволно афирмирана од страна на локалните власти. Посетата на саеми и презентацијата на ресурсите што ги поседува Гевгелија не се доволни. Потребни се содржини на самите места кои ќе привлечат внимание, а гевгеличани знаат и умеат да создадат брендови што за жал досега локалните власти ги занемарувала. Затоа е потребно повеќе ангажирање во делот на промоција на поднебјето.
Со јавни–приватни партнерства и европски фондови ќе привлечеме повеќе гости кои ќе останат, а не само ќе поминат.
Антропол: Дел од населените места во општината имаат сериозни проблеми со инфраструктурата – патишта, водоснабдување и канализација. Како ќе го решавате тоа?
Аврамов: Прво, со приоритети – најзагрозените места први. Второ, со рамномерна распределба – секое село и населба мора да добие услови за достоинствен живот. Ќе воведам јавен план за инфраструктура со рокови и буџети, за да нема скриени ветувања. Меѓутоа транспарентноста да не биде празно ветување туку граѓаните со средби, но и преку нова мобилна апликација да одлучуваат што сакаат најпрво да се започне со реализација. Мораме буџетот да го користиме рационално и тоа најпрво да се почне со реализација на основните инфраструктурни потреби. Буџетот, но и средствата од повратот на ДДВ да бидат функционално употребени, не само за редовното функционирање на Општината, туку да се вложат и во капитални инвестиции.
Антропол: Загадувањето, дивите депонии и уништувањето на животната средина стануваат се посериозен проблем. Какви конкретни мерки ќе преземете за чиста и здрава општина?
Аврамов: Ќе воведам систем за редовно собирање и селекција на отпадот, но и со образовни кампањи и проекти преку постојните здруженија мора да ги промениме навиките на луѓето. Гевгеличани се луѓе кои секогаш ги почитуваат одлуките и новите промени, но овде мора да се интервенира и во работењето на надлежните служби кои го собираат отпадот. Информациите од терен кажуваат дека честопати селектираниот отпад завршува на исто место, а само делумно се предава на компании кои вршат секундарна селекција.
Мораме повеќе да мислиме на облагородување со зелени површини во градот. Во централното градско подрачје не постои место кое може да го наречете парк, новите урбани населби, кои никнуваат како „печурки“ не ги почитуваат законските регулативи, кај некои од нив воопшто не постои зелен појас, затоа без разлика што веќе грешките се направени, мораме итно да интервенираме за создавање нови паркови и зелени појаси. Гевгелија некогаш бил познат како град со дрвореди, денес тој сè повеќе наликува на бетонска пустелија.
Антропол: Што планирате за младите во Гевгелија – во однос на образование, култура, спорт и можности за останување во својот град?
Аврамов: Триесет години работам со младите. Како никогаш досега не ни се случила апатичноста што секојдневно ја слушам дека „тие не се гледаат во иднина тука“. Младите мора да имаат причина да останат. Посветувањето кон нив не треба да ни биде само фраза што ја изговараме, вработувањето не треба да биде по партиски клуч. Младите имаат потенцијал, имаат идеи само треба некој да им помогне во нивната реализација. Досега нивните иницијативи завршувале неслушнати од локалните власти.
Доволно е да се направи проценка колку активни и успешни спортисти и спортски клубови имаме, да се погледне колку културни работници и фолклорните друштва се познати и надвор од нашата држава, колку млади – поединци остваруваат значајни резултати на светско ниво и ќе ни стане јасно дека вложувањето во нив е вложување во иднината на овој град.
Малите грантови или субвенции мора конечно да почнат, Општината мора воспостави програма за пракса во јавната администрација и приватните фирми, но и да се отвори Ко-воркинг простор каде тие ќе ги надополнуваат своите знаења според своите интереси и да се вмрежуваат.
Антропол: Како ќе обезбедите транспарентно работење на општината и поголема вклученост на граѓаните во процесот на одлучување?
Аврамов: Секоја одлука ќе биде јавна и објавена онлајн. Буџетот ќе се креира заедно со граѓаните преку јавни расправи и анкети. Ќе воведам алатка за дигитално пријавување проблеми но и потреби и ќе инсистирам на месечни извештаи за сработеното – општината мора да биде сервис, а не господар. Одлуките мора да ги носат граѓаните, а не поединци или самостојно одделенијата на Општината. Ние треба да бидеме „слуги“ на нивните барања, а не да ги слушаме нашите партиски штабови. Многу едноставна е во денешно време комуникацијата со граѓаните, новите дигитални алатки ќе помогнат во тоа.
Антропол: Дали имате план за поддршка на локалните земјоделци, занаетчии и мали бизниси, кои се клучни за економијата на Гевгелија?
Аврамов: Да, тие се срцето на нашата економија. Ќе обезбедиме директна поддршка преку субвенции, пазарни денови за домашни производи и промоција на занаетчиството. Размислувам за два пазарни дена, но тоа сепак не можам да го направам сам, мора прво да се разговара со производителите, но и со граѓаните, нивното мислење е најважно. Што се однесува до малите бизниси, мора да им се овозможи полесен пристап до општинските услуги и промоција на нивните производи преку локални саеми, но и современи дигитални алатки. Мора да ги учиме и навикнуваме и на новите начини на рекламирање на нивните производи, но и обезбедување пазари, по принципите како што тоа некогаш беше во поранешна Југославија. Од минатото многу може да научиме, ама некако имаме аверзија кога ќе се споменат старите времиња, но за среќа тогаш животот беше поинаков, да не кажам и луѓето беа поблиски и сплотени. Заедништвото нè прави посилни и подобри во сè.
Антропол: Ако станете градоначалник, кои ќе бидат Вашите први три приоритети и по што би сакале да ве паметат жителите на Гевгелија на крајот од мандатот?
Аврамов: Најпрво да ја вратиме надежта дека и дома може да се живее достоинствено.
Чист и уреден град и подобрување на инфраструктурата во населените места треба да ни биде во преден план. Ние сме сите деца на работници и земјоделци, да не заборавиме од каде доаѓаме и кои сме, да не заборавиме дека ова поднебје изобилува со ресурси кои никаде на друго место не можат да се најдат.
Мора да размислуваме за централното градско подрачје, да го растеретиме сообраќајниот хаос, но и да го облагородиме со зелени површини. Мора да мислиме на енергетската ефикасност: соларни панели на јавни објекти (училишта, градинки), но и кампањи за зачувување на животната средина.
Мора да отвориме солидарни фондови за работниците, конфекционерките… кога од буџетот можеме да одвојуваме средства за култура, спорт, невладин сектор, мора да размислуваме дека и една мајка-работничка има потреба од дополнителни средства, помош за неопходни и неодложни работи. За овој проблем имам посебна програма и план.
Мора да сфатиме поддршката не се бара за поединец, поддршката се бара за иднината на градот. Јас добро знам какви деца сум едуцирал и сè уште едуцирам, добро го знам нивниот потенцијал, затоа време е да изградиме заедница во која секој глас се слуша, секој човек се почитува.
Времето е сега – а силата е во сите нас!

