Невенка Тренчевска, кандидатка за градоначалник на Пехчево од редовите на Левица, за Антропол зборуваше за својата мотивација, приоритетите и визијата за развој на општината. По повеќе од дваесет години живеење во Пехчево, Тренчевска реши да се вклучи во локалната политика со цел да донесе вистинска промена и да обезбеди чесна, отчетна и развојна локална власт.
Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Пехчево од политичката партија Левица. Кои беа причините да ја прифатите оваа кандидатура и што сакате да ѝ понудите на Вашата општина?
Тренчевска: Се кандидирав затоа што повеќе од дваесет години живеам во Пехчево и гледам дека ништо суштинско не се менува. Ветувањата се повторуваат, а клучните проблеми како зафатот на Буковик и обезбедувањето на чиста вода остануваат нерешени. Мојата мотивација е да донесам вистинска промена и да им обезбедам на граѓаните чесност, достоинство, работливост и упорност. Сакам да покажам што значи одговорен и квалитетен градоначалник, кој не ветува празни зборови, туку реализира конкретни решенија.
Антропол: Пехчево е мал град со голем потенцијал, особено во туризмот и во земјоделството. Кои конкретни мерки ќе преземете за нивен развој?
Тренчевска: Ќе вложиме во еко-туризам, уредени пешачки и велосипедски патеки, како и во создавање етно-парк. Земјоделците ќе ги поддржиме преку субвенции и пласман на производите преку туристичките активности. На тој начин ќе се создадат нови приходи и ќе се задржат младите во Пехчево.
Антропол: Една од најголемите маки на жителите се инфраструктурните проблеми. Како би се справиле со дотраените патишта, канализациската и водоводната мрежа?
Тренчевска: Инфраструктурата е основа за достоинствен живот – безбедни улици, функционална канализација и чиста вода за сите. Реконструкцијата на зафатот на Буковик е апсолутен приоритет, а сите решенија се насочени кон трајни промени кои го подобруваат секојдневието на граѓаните.
Антропол: Младите масовно си заминуваат од Пехчево и од целиот регион. Како планирате да создадете услови тие да останат и да ја градат својата иднина овде?
Тренчевска: Свесна сум дека младите масовно го напуштаат Пехчево, барајќи подобри можности за образование, работа и живот. Мојот приоритет е да создадам услови за тие да останат овде и да ја градат својата иднина. Ќе развиваме инфраструктура, нови работни места, квалитетно образование и здравствени услуги, како и културни и спортски активности. Целта ми е младите да се чувствуваат мотивирани, горди и задоволни што живеат во својот роден крај.
Антропол: Како ќе се справите со загадувањето и со уништувањето на природата, особено на шумите и водните ресурси?
Тренчевска: Загадувањето и уништувањето на природата се сериозен проблем. Планот вклучува одржливо управување со шумите, контрола на сечата, зачувување на водните ресурси и подобрување на квалитетот на водата. Целта е да обезбедиме здраво и чисто опкружување за сите граѓани, сега и за идните генерации.
Антропол: Кои политики ќе ги воведете за поддршка на образованието, културата и спортот во Пехчево?
Тренчевска: Образованието е срцето на иднината – ќе вложуваме во училиштата, наставниците и секое дете за современо и креативно учење. Културата е нашата душа – ќе поддржуваме музика, фолклор, театар и уметност, создавајќи простори каде младите можат да се изразуваат и да ја промовираат традицијата. Сакам Пехчево да биде место каде децата растат среќни, културата цвета, спортот живее и граѓаните се гордеат со својата заедница.
Антропол: Транспарентноста и корупцијата се чувствителни теми во малите општини. Како ќе гарантирате чесна и отчетна локална власт?
Тренчевска: Транспарентноста и чесноста се законски и морални принципи. Како што секогаш сум се стремела да живеам чесно, така ќе го водам и моето работење како градоначалник. Намерата ми е локалната власт да служи праведно на сите граѓани, без лична корист, со целосно почитување на законот и моралните принципи.
Антропол: Пехчево е познато по својот музички фестивал и културна традиција. Како планирате да го зајакнете културниот живот и да го промовирате градот на национално и меѓународно ниво?
Тренчевска: Ќе го промовираме фестивалот како бренд на Пехчево, со поддршка на локални уметници и соработка со национални и меѓународни партнери. Планираме нови културни настани, работилници и програми за млади таленти, со цел градот да стане препознатлив културен центар.
Антропол: Ако добиете доверба од граѓаните, кои ќе бидат Вашите први три чекори како градоначалничка на Пехчево и по што сакате да Ве паметата жителите на Пехчево на крајот од мандатот?
Тренчевска: Прв приоритет ќе биде реконструкција на зафатот на Буковик за обезбедување чиста и квалитетна вода за сите граѓани. Вториот чекор ќе биде развој на инфраструктурата, подобрување на патиштата, канализацијата и јавното осветлување. Третиот чекор е поддршка на локалната економија, туризмот и младите преку создавање нови работни места, еко-проекти и културни активности. Сакам на крајот од мандатот жителите да ме паметат како градоначалничка која го направи Пехчево современ, чист и атрактивен град за живеење, каде се работи чесно, одговорно и посветено за доброто на сите.

