Стаменковски: „Верниот исток” – заборавен и игнориран

  • Колумна на Тони Стаменковски носител на советничката листа на Левица во Делчево

Со години слушам како политичарите го нарекуваат нашиот крај „верниот исток“. Верен – кога треба да се излезе на избори. Верен – кога треба да се обезбеди победа. Но, веднаш потоа истиот овој народ е заборавен. Игнориран. Сведен на бројка во избирачки список.

Дали верноста значи дека треба да живееме во запоставеност? Дали е награда за нашата дисциплина тоа што ни ја скратуваат безбедноста, инфраструктурата и иднината?

Погледнете само: веќе 2,5 години мостот на меѓународниот пат кон Бугарија не е функционален. Тоа е клучна врска за целиот регион, за трговија, за туризам, за секојдневниот живот. Слушнавме десетици ветувања за „брза санација“. Денес – ништо. Тој мост е симбол на тоа како државата гледа на источниот крај: како на нешто што може да чека.

Ајде и до с. Калиманци. Повеќе од 8 години одроните претставуваат закана за животите на жителите. Осум години молби, реакции, предупредувања – без решение. Да беше тоа пат кон “неверниот запад” , одамна ќе се интервенираше. Но за крајниот исток – животот е оставен на случајноста.

Ова не е обична негрижа. Ова е понижување. Институциите знаат, но не реагираат. Политичарите доаѓаат со камери, се сликаат и ветуваат. И заминуваат. А ние остануваме со нефункционален мост и опасни патишта.

Сакам да кажам јасно: „верниот исток“ не е само гласачка машина. Ние сме луѓе кои сакаат достоинство, безбедност и иднина за своите деца. Нашата верност не е за злоупотреба. Таа има граница. И кога ќе ја поставиме таа граница, ќе биде јасно дека овој народ веќе не прифаќа да биде игнориран.

Истокот заслужува држава, не празни ветувања. Заслужува патишта и мостови, а не лаги и изговори. Заслужува почит, а не понижување.