Јованов: Забавата може да чека – животот не

Во време кога концерти собираат стотици илјади луѓе, а протести за критични прашања како онкологија, загадување и проблеми во локалните заедници привлекуваат само неколку стотини, професорката Тамара Јованов открива зошто колективните проблеми тешко ги мобилизираат граѓаните:

Концерт со 100.000 луѓе.

Протест за онкологија, за Кочани, за загадениот воздух – едвај по 100тина.

Зошто е така?

Психологијата вели: човекот природно ја става сопствената удобност и забава пред колективните проблеми.

Забавата носи брза награда како позитивни емоции и дружење.

Протестите, пак, носат чувство на товар и жртва, поголем напор, а резултатот во умот е често нејасен и неизвесен.

Кога се работи за себе, луѓето се склони полесно и побрзо да делуваат во трката по задоволство.

На пример, за билет за концерт се даваат 2.000 денари без многу размислување. Но, за проблемот на болници без лекови, оставаат да „реши државата“.

Кога е колективен проблем, сите очекуваат „некој друг“ да се крене и да се бори, многу често и поради тоа што погрешно мислат дека „мојот глас не прави разлика“.

Ова е парадоксот на себичноста – токму тогаш кога ни треба заедничка сила, луѓето се повлекуваат во личниот комфор.

А вистината е сосема обратна:

– Ако се избориме заедно за чист воздух, сите ќе бидеме поздрави.

– Ако го смениме системот и креираме квалитетно јавно здравство, утре тоа може да спаси и твој близок.

– Ако се избориме за правда во Кочани, ќе имаме држава што штити, а не што убива.

Забавата е секако потребна повремено, но солидарноста е она што ни ја одредува иднината.

Ако за концерт може да излезат 100.000, тогаш за живот во средена држава, мора да можеме повеќе.

Или ќе научиме како треба или ќе пропаднеме колективно, додека музиката свири на палубата (Титаник).

Може да ве интересира