Димитров: Карпош заслужува нов почеток

  • Колумна на Антионио Димитров, кандидат за градоначалчник на Карпош

Роден сум и пораснат во Карпош, во подножјето на Водно. Секој ден сум поминувал низ овие улици, паркови и маала. Токму затоа, за мене, кандидатурата за градоначалник на Карпош, не е кариерен чекор, ниту желба за функција, туку лична одговорност.

Јас одамна сум дел од јавниот живот, но не како политичар од старите структури, туку како човек кој доаѓа од културата, од независната сцена и од секојдневната работа со граѓаните. Во Советот на Град Скопје докажав дека знам да се борам за јавниот интерес, дека знам да застанам против штетни одлуки и да предложам подобри решенија. Мојата работа таму ја гледам како школо за вистинска, чесна и транспарентна политика.

Како советник во Советот на Град Скопје, имав можност одблиску да видам како функционира системот. И таму научив нешто многу важно: политиката кај нас предолго била претворена во алатка за партиски криминал и лични привилегии. Видов како се носат одлуки, како се кочат истите, како интересите на граѓаните редовно се ставаат на последно место, секогаш бидувајќи колатерална штета на ситно-партиските интереси. И секогаш, без исклучок, зад тие потези стојат истите партии и истите луѓе кои со децении ја држат општината и градот во заложништво. 

Со гордост ја споменувам и мојата улога во Културно-информативниот центар. За време на моето работење таму, КИЦ стана отворен дом за независни уметници, културни работници и млади таленти. Таму покажавме дека може поинаку. КИЦ стана дом за независната културна сцена, простор отворен за млади уметници, музичари, актери и креативци. Наместо елитизам и затворени врати – создадовме средина каде културата е достапна за сите. Секој настан, секоја изложба, секоја вечерна програма беше доказ дека со работа, ентузијазам и вистински пристап може да се создаде нешто вредно. Успеавме да донесеме нова енергија, свежи идеи и современи проекти, докажувајќи дека со искрен труд и визија може да се создаде простор кој е достапен за сите. Од заборавено место, стана жив културен центар со реноме. Тоа е моделот што сакам да го пренесам и во Карпош. 

Свесни сме дека денес, Карпош се соочува со сериозна криза на доверба. Старите партии повторно ги испраќаат своите кандидати. Луѓе кои со години се дел од истиот систем на криминали, корупција и партиски интереси. Наместо вистинска грижа за граѓаните, гледаме само нови ветувања од истите актери кои ја доведоа општината во состојбата во која е денес. Доста е од истите лица, од истата матрица на пазарење со нашата иднина.

Јас не сум дел од тој круг. Не должам услуга на партии, ниту имам обврски кон бизнис интереси. Мојата обврска е само кон граѓаните на Карпош. Затоа мојот фокус ќе биде јасен: реконструкција на постоечката инфраструктура наместо бесцелни новоградби; чисти улици и безбеден сообраќај; повеќе простор за младите, културата и спортот; и целосна транспарентност во секое трошење на јавните средства.

Мојата кандидатура не е уште едно партиско решение, туку е одговор на потребата за промена. Јас верувам дека Карпош може да се води чесно, со внимание за деталите, со проекти кои не се само хартија за кампања, туку реални и остварливи решенија. Верувам во транспарентноста, во младите како двигател на новата енергија, во културата како темел на едно здраво општество и во спортот како начин на градење заедница.

Затоа ја барам вашата доверба. Не за мене, туку за да ја вратиме заедничката гордост, за да покажеме дека е можно поинаку, за да изградиме општина со која сите ќе се гордееме.

Доста беше од старите партии. Време е за нова енергија, нови идеи и чесна работа. Време е Карпош да тргне по нов пат.

Може да ве интересира