Синдикална минимална кошница за септември изнесува 65.077 денари – Како да преживее обичниот граѓанин?

Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошница за септември изнесува 65.077 денари за едно четиричлено семејство.

Најголем дел од средствата, 23.394 денари или 35,9%, се потребни за храна и пијалаци. За облека и обувки се издвојуваат 5.725 денари (8,8%), за станарина, вода, електрична енергија и греење – 6.096 денари (9,4%).

Дополнително, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот се издвојуваат 2.636 денари (4,0%), за транспорт 4.716 денари (7,2%), за комуникации 3.417 денари (5,3%), а за здравје – 1.174 денари (1,8%).

За образование едно четиричлено семејство во септември требало да одвои 7.097 денари (10,9%), за рекреација и култура – 5.592 денари (8,6%), за ресторани и хотели – 4.131 денар (6,3%), и за останати стоки и услуги – 1.100 денари (1,7%).

ССМ истакнува дека доколку семејството живее во изнајмен стан, потребни се дополнителни 21.471 денар, што дополнително го зголемува финансискиот притисок врз домаќинствата.

Иако владата ни пресмета дека минималната плата за март 2025 година, заклучно со платата за февруари 2026 година, ќе изнесува 24.379 денари, јасно е дека таа не покрива ни основните потреби на едно четиричлено семејство.

Како власта во Македонија очекува обичниот граѓанин да преживее? Трошоците за храна, станарина, образование и рекреација надминуваат минималната плата повеќекратно, оставајќи семејствата со сериозни финансиски тешкотии.