Јанески: Крушево треба да стане општина за сите граѓани, а не плен на корупцијата

Кандидатот на Левица за градоначалник на Крушево, Зоран Јанески, во интервју за Антропол вели дека неговата главна мотивација е борбата против иселувањето и враќањето на општината во вистинска служба на граѓаните. Тој најавува итни мерки за решавање на инфраструктурните проблеми, носење нов урбанистички план по повеќе од половина век и создавање услови младите да останат и да ја градат својата иднина во Крушево.

Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Крушево од политичката партија Левица. Што ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура и каква промена сакате да донесете во општината?

Јанески: Навистина е голема чест да бидеш предложен за кандидат за градоначалник, посебно во мала општина како Крушево, каде сите лично се познаваат и се знае се за секого. А уште повеќе е чест да си предложен од страна на партија како Левица која се залага за подобрување на условите и стандардот на секој работник, во која категорија спаѓам и самиот. Па оттука и мотивот да прифатам, а со тоа и да придонесам во борбата за подобар живот и услови за живот во мојата општина. Кога станува збор за тоа што сакам да променам, можам само да ви кажам дека списокот е долг бидејќи општина Крушево се соочува со многу проблеми и недостатоци кои се трупаа низ годините. 

Антропол: Кои се најголемите предизвици со кои се соочува Крушево, кои би ги решиле веднаш по преземањето на функцијата?

Јанески: Најголем предизвик е евакуацијата на населението, без разлика дали се млади или стари, дали се вработени или не. Си одат сите по цели семејства без намера да се вратат назад, а тоа е директна последица од не грижа на локалната самоуправа подеднаква кон сите како и корупцијата, непотизмот и големата суета. Се разбира најпрвин треба да видиме во каква реална состојба, финансиска и ресурсна, се наоѓа општината и да започнеме од таму каде што е најкритично.

Антропол: Туризмот, урбанизацијата и зачувувањето на културното наследство се важни теми за Крушево. Како планирате да се справите со овие прашања?

Јанески: Овие теми се многу тесно поврзани една со друга и секоја зависи од другата во многу аспекти. Крушево нема нов урбанистички план од 1963г. Имаше обид да се направи нешто на фрагменти кои во добар дел самите граѓани си ги финансираа, но тоа не реши ништо само го продлабочи проблемот. Тоа мора да се реши во најбрз можен рок зошто за централното подрачје рокот измина и не се донесе урбанистичкиот план а се потрошија огромни суми на пари. Да не се дозволи истото да се случи и со контактната зона. Зачувување на културното наследство е уште еден голем проблем, бидејќи за  голем дел се “грижи” завод за музеј Прилеп а може да видите дека куќите кои се под заштита се оставени да се распаѓаат една по една, како и музеите.

Антропол: Инфраструктурата, особено патиштата, водоводот и канализацијата, има потреба од подобрување. Какви конкретни мерки ќе преземете за да ја подобрите инфраструктурата во општината?

Јанески: Точно така, треба подобрување и на сите горенаведени теми. Во план ни е да се реализира обиколен пат за влез во градот кој ќе придонесе за подобрување и олеснување на секојдневното функционирање на жителите но и на туристите. Со самото тоа би се намалиле проблемите по постоечката инфраструктура низ градот која во голем дел е поради присуство на тешки товарни возила и автобуси кои се движат низ градот  а и самите се соочуваат со потешкотии заради тесните улици. Санирање и изградба на патна инфраструктура во населените места кои се заборавени од претходните години наназад. Проблемот со водоснабдувањето е проблем на сите и на градот и на населените места. Во претходните години се ветуваше дека ќе се работи на тоа, но проблемот остана се уште да постои. И за тоа прашање развиваме концепт на решенија и мерки како би ги задоволиле потребите на жителите.

Антропол: Младите масовно си заминуваат од целиот регион. Како планирате да создадете услови тие да останат и да ја градат својата иднина во Крушево?

Јанески: За жал тоа е проблем во цела држава, но во помалите места и тоа како се чувствува. Еве овој први септември во прво одделение се запишаа само 12 првачиња а слична е состојбата и во средното училиште. Крушево ќе има капацитет и квалитет да понуди пристојни услови за живот како и бенифиции, тука нема листа на чекање во градинка и нетребаат врски за да го запишете детето во училиште. Но Мораме пред се на младите да им овозможиме услов за да останат да живеат и творат во своето родно место. Но не само на младите кои се родени во Крушево, ние ќе работиме на методи кои би привлекле млади брачни парови од другите градови, како што се мерки за помош во отпочнување на сопствен бизнис, работа од дома, бенифиции за сопствен дом и т.н.

Антропол: Како планирате да ги подобрите условите во училиштата, градинките и спортските објекти за децата и младите?

Јанески: Најголем проблем тука е кадарот. Во изминатиот период се прима исклучиво партиски кадар без разлика дали е стручен или не. Тоа мора да престане и да се ангажираат луѓе кои се соодветни без разлика дали се или не се припадници на одредена заедница или партија. Ако вработените ви се соодветни и стручни успехот е неминовен. Исто така има училишта кои се со многу лоши услови како немање на тоалети или со кровови кои прокиснуваат и т.н, па тоа мора да се промени во најбрз можен рок.

Антропол: Транспарентноста и вклученоста на граѓаните во носењето на општинските одлуки се клучни. Како ќе го воведете тоа во Крушево?

Јанески: Во изминатите години сме сведоци на носење на одлуки зад затворени врати и кога населението ќе се соочи со “новата одлука” веќе е касно и последиците ги трпиме сите. Тоа беше и случајот со приватизирање односно распродажба на гробиштата во Крушево. Страшно голем проблем со кој се соочуваат сите крушевчани секојдневно. Граѓаните треба да се навремено информирани за одлуките на советот и за предлозите и измените кои се носат од советот. Советот служи за да ги подобри условите на граѓаните а не да ги влошува. Затоа сметам дека треба седниците да се отворени за јавноста и да се следат, како и да има време да се реагира или да се измени некоја одлука пред таа да биде конечна.

Антропол: Локалната економија е од витално значење. Како ќе ги поддржите малите бизниси, земјоделството и туристичките капацитети во општината?

Јанески: Единствена шанса да се врати животот во градот е повторно да заживее една стара добра идеја за Крушево да стане бесцаринска зона. Ветувам дека како градоначалник ќе се борам оваа идеја да стане реалност. Најголем прилив во буџетот на општината се локалните бизниси и земјоделството и туризмот. Не само што треба да се поддржат туку и да се поттикнат да се развиваат и да се створат услови за нивно проширување. Како растe локалната економија така ќе растe и општината. Јас и самиот сум дел од малите бизниси и до сега сум сведок само на сопки, притисок, деградирање, па дури и закани дека ќе бидам иселен од општината. Затоа на ова прашање со цела моја одговорност тврдам дека ќе подадам рака на секој кој има или сака да отпочне бизнис во нашата општина и дека ќе се помогнам во најтешкиот период, а тоа е почетокот. 

Антропол: Ако станете градоначалник, кои ќе бидат Вашите први три приоритети и по што би сакале да ве паметат жителите на Крушево на крајот од мандатот?

Јанески: Прв приоритет ќе ми биде да ја ставам локалната самоуправа навистина во служба на сите граѓани, како и подобрување на нејзината ефикасност. Донесување на детален урбанистички план и справување со сообраќајниот хаос во и така тесните улици низ градот. А за тоа како би сакал да ме помнат моите сограѓани, ќе кажам дека би сакал да ја задржам репутацијата која ја имам стекнато со мојот досегашен труд и работа.