Кировски: Берово заслужува функционална инфраструктура, работа и подобар живот за младите

Кандидатот на Левица за градоначалник на Општина Берово, Мирче Кировски, во интервју за Антропол зборува за својата мотивација да се кандидира, предизвиците со кои се соочува општината и плановите за нејзин развој. Тој истакнува дека главната цел е да се врати довербата на граѓаните во локалната власт преку подобрување на инфраструктурата, комуналните услуги, поддршка на младите и земјоделците, како и искористување на туристичкиот и културниот потенцијал на Берово. „Општината не смее да биде место од каде младите заминуваат, туку простор каде тие ќе останат и ќе имаат услови за достоинствен живот“, нагласува Кировски.

Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Берово од политичката партија Левица. Што Ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура?

Кировски: Мојата мотивација произлегува од секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Берово, но и од чувството на неправда и разочараност кое со години го гледам околу себе. Луѓето се изморени од притисоци, уцени и празни ветувања на сите досегашни власти. Секогаш едно се ветуваше пред избори, а сосема друго се правеше после нив. Улиците ни се пропаднати, селата се оставени сами на себе, локалните патишта не се одржуваат, а комуналните служби функционираат со слаба ефикасност. Дополнително, селективните партиски вработувања создадоа чувство на поделби и неправда кај граѓаните. Сметам дека е време тоа да се промени и токму затоа ја прифатив оваа кандидатура за да му го вратиме достоинството на Берово.

Антропол: Берово е познато како „бисерот на Малешевијата“, но истовремено се соочува со проблеми со иселувањето на младите. Како би го спречиле одливот на населението и би создале услови за младите да останат?

Кировски: Најголемиот проблем денес е иселувањето, младите не гледаат перспектива и масовно ја напуштаат општината. Мојата цел е токму тоа да го сопрам. Заедно со мојот тим од Левица – Берово, ќе работиме на носење инвеститори кои ќе отворат нови фабрики, мали погони и работни места директно во нашата општина. Паралелно, ќе се вложува во подобрување на инфраструктурата и хигиената во сите населени места, бидејќи без нормални услови за живот нема напредок. Младите мора да добијат шанса да се развиваат и овде, преку подобри културни содржини, спортски активности, модернизација на училиштата и создавање услови за приватен бизнис. Само така ќе изградиме средина во која ќе сакаат да останат и да ја градат својата иднина.

Антропол: Се зборува дека локалната економија е премногу зависна од администрацијата и од неколку големи фирми. Како планирате да поттикнете локален економски развој и поддршка на мали бизниси и земјоделие?

Кировски: Јас лично доаѓам од мал бизнис, но сум и земјоделец, па од прва рака ги знам сите пропусти и проблеми со кои се соочуваат овие луѓе. Локалната администрација е пренатрупана, често неажурна и без конкретни резултати. Наместо општината да биде сервис за граѓаните, таа во моментов е товар. Како иден градоначалник, ќе иницирам редовни средби со сите локални правни субјекти – малите бизниси, занаетчиите, земјоделците – за заеднички да ги лоцираме проблемите и да најдеме практични решенија. За земјоделците, клучен приоритет ќе биде пристапот до земјиште и вода за наводнување, како и поддршка во пласманот на нивните производи. Ќе работиме и на формирање задруги и заеднички механизми за набавка и продажба, со цел земјоделците да добијат подобра цена и сигурност.

Антропол: Туризмот е голем потенцијал за Берово и Малешевијата. Кои мерки ќе ги преземете за подобро искористување на овој потенцијал?

Кировски: Берово има огромен потенцијал за туризам, но истиот е речиси неискористен поради слаба инфраструктура, недостиг на менаџмент и неорганизираност. Мој план е веднаш да започнеме со санација на постојните и изградба на нови шумски патишта кои ќе овозможат полесен пристап до туристичките атракции. Потребно е да се реконструираат и модернизираат туристичките објекти под надлежност на општината и да се создаде стратегија за нивно ефикасно користење. Дополнително, ќе вложуваме во промоција и едукација за локалното население, од сместувачки капацитети, угостителство, до водичи и организатори на културни и спортски настани. Туризмот може да биде двигател на локалната економија, но само ако му пристапиме професионално и со јасна визија.

Антропол: Инфраструктурата во дел од населените места, како патишта, канализација и водовод, е на многу ниско ниво. Како ќе ги решавате овие проблеми?

Кировски: Јас добро ги познавам сите населени места во Берово и сум свесен за реалните проблеми. Моја идеја е да направиме детален скрининг за секое село и населено место, што недостасува, кои се приоритетите и како најбрзо може да се решат. Потребно е општината да инвестира во набавка на механизација со која ќе може самата, преку јавното комунално претпријатие, да изведува дел од овие работи, наместо да се чека години на тендери и ветувања. Со систематски пристап и постепено вложување, можеме за релативно кратко време да ја подигнеме инфраструктурата на многу повисоко ниво.

Антропол: Како ќе обезбедите заштита и одржлив развој на богатата природа во Малешевските Планини, со оглед на честите сечи, пожари и загадувања?

Кировски: Нашата природа е најголемото богатство и затоа е апсолутен приоритет да ја зачуваме. Ќе воведеме строга контрола на сечите и транспарентен систем за управување со шумите. Потребно е и подобро организирање на шумската служба и противпожарните екипи, како и поставување на опрема за превенција од пожари. Но, одржлив развој значи и тоа што младите ќе добијат шанса да останат и да живеат овде. Затоа во селските средини ќе изградиме детски паркови, ќе реконструираме игралишта, а исто така ќе обновиме простории за културни манифестации и настани – бидејќи здрава средина значи и здраво општество.

Антропол: Културата и спортот се важен дел од животот на младите во Берово. Што планирате за подобрување на условите за спорт и културни активности?

Кировски: За мене, културата и спортот не се луксуз, туку потреба. Во моментов, селските средини се буквално заборавени и младите таму немаат никакви услови за креативен развој. Затоа ќе се залагам за изградба на спортски игралишта, реновирање на салите за културни настани и создавање на нови можности за младите да се вклучат во спортски клубови и културно-уметнички друштва. Верувам дека преку култура и спорт може да се гради заедништво и да се зајакне духот на локалната заедница.

Антропол: Како ќе обезбедите транспарентност и отчетност на општината и ќе овозможите активно учество на граѓаните во донесувањето на одлуките?

Кировски: Транспарентноста ќе биде темел на моето работење. Ќе воведеме редовни јавни средби со граѓаните, на кои директно ќе ги слушаме нивните проблеми и предлози. Дополнително, сите одлуки и финансиски извештаи ќе бидат јавно достапни преку општинската веб-страница. Убеден сум дека само ако се работи заедно со граѓаните, може да се изгради доверба и да се донесуваат одлуки кои се во интерес на сите, а не на малкумина.

Антропол: Ако станете градоначалник, кои ќе бидат Вашите први три приоритети и по што би сакале да ве паметат жителите на Берово на крајот од мандатот?

Кировски: Моите три најголеми приоритети се: инфраструктура, комунални услуги и здравство. Без овие три основи нема нормален живот во општината. Сакам граѓаните да ме паметат како човек кој им ја врати надежта дека нешто навистина може да се промени. Сакам, кога ќе видат нов пат, реконструирано училиште или функционална амбуланта, да си речат: „Ова е направено за нас, ова е нашата општина каква што заслужуваме.“ Верувам дека тогаш самите граѓани ќе си признаат дека напредок е можен и дека Берово повторно може да биде вистински бисер на Малешевијата.

Може да ве интересира