Димитријевски: Ќе ја вратиме надежта во Старо Нагоричане – младите мора да имаат причина да останат

Кандидатот за градоначалник на Општина Старо Нагоричане од редовите на Левица, Андреј Димитријевски, во интервју за Антропол зборува за најголемите предизвици со кои се соочува локалната заедница и неговите планови за развој. Тој вели дека приоритет ќе бидат основните животни потреби, здравствена заштита, вода и патишта, но и долгорочни решенија за економски развој, заштита на културното наследство и создавање услови младите да останат во својата општина.

Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Старо Нагоричане од политичката партија Левица. Што ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура?

Димитријевски: Моја најголема мотивација е љубовта кон оваа општина и кон луѓето кои живеат овде. Сакам Старо Нагоричане да биде место каде младите ќе остануваат, ќе создаваат семејства и ќе гледаат иднина. Секојдневно гледаме како цели семејства се иселуваат, а тоа е најголемата трагедија за едно место. Верувам дека со чесно и домаќинско управување, со вистински проекти и со искрен пристап, можеме да изградиме општина во која луѓето ќе сакаат да живеат. Левица ја гледам како единствена политичка опција која не е поврзана со старите матни шеми и која нуди вистински промени.

Антропол: Кои ги сметате за најголеми проблеми во општината, кои би ги решиле веднаш по преземањето на функцијата?

Димитријевски: Првиот и најголем проблем е амбулантата. Во 21 век е срамота општината да нема своја амбуланта и жителите да мораат за секој преглед да патуваат во соседни општини. Покрај тоа, проблемот со водата е хроничен, многу села немаат стабилно снабдување со вода. Патиштата се во катастрофална состојба, а земјоделците и сточарите немаат организиран откуп на своите производи, што ги тера или да ги продаваат по ниски цени или да се откажуваат од работа. Овие работи ќе бидат први на мојата агенда: Здравство, вода, патишта и економска поддршка.

Антропол: Инфраструктурата во руралните средини е често запоставена: Патишта, водовод и канализација. Како би пристапиле кон решавање на овие проблеми?

Димитријевски: Моја идеја е преку јавното претпријатие „Козјак“ општината самата да презема дел од работите, без да зависи од скапи тендери и фирми од страна. Ќе обезбедиме механизација и опрема за да може општината да асфалтира патишта, да ги приклучува водоводните мрежи и да гради канализација. Вака ќе заштедиме многу пари, а истовремено ќе обезбедиме поголема ефикасност и контрола. Верувам дека ако се работи плански и со чесна намера, инфраструктурата може за кратко време да се подигне на многу повисоко ниво.

Антропол: Старо Нагоричане е познато по своето културно и историско наследство. Како ќе работите на негова заштита и промоција, а истовремено на развој на туризмот?

Димитријевски: Нашата општина е богата со културно и историско наследство. Музејот ќе го ставам повторно во функција, затоа што тој треба да биде гордост на општината, а не руина. На археолошкиот локалитет Кокино мора да се постават јавни тоалети, патокази и огради, затоа што таму доаѓаат туристи од цел свет, а условите се недостојни. Со мала инвестиција може да се направи голема промена. Исто така, ќе иницирам организирани тури и настани кои ќе го промовираат нашето наследство и ќе привлечат дополнителни посетители. Туризмот може да биде двигател за економијата во нашата општина.

Антропол: Што планирате да направите за подобрување на условите во училиштата, градинките и за младите во општината?

Димитријевски: Прво, мора да се реновираат училиштата, да бидат безбедни, модерни и пријатни за децата. Планираме да воведеме бесплатна хранарина за секое прваче и за децата од социјално ранливи категории, затоа што ниту едно дете не смее да биде гладно. Ќе ги обновиме игралиштата и спортските терени, за младите да имаат место за дружење и развој. Со тоа ќе ја оживееме младинската енергија во општината и ќе дадеме сигнал дека иднината е овде, а не надвор.

Антропол: Како ќе обезбедите почиста и позелена средина, и кои мерки ќе преземете против загадувањето?

Димитријевски: Ќе воведеме субвенции за клима-уреди, за луѓето да не мораат да се греат само на дрва, што е една од главните причини за загадување. Ќе се воведе строга забрана за палење на ѓубре кое може да се рециклира, и ќе се работи на селекција на отпадот. Покрај тоа, ќе се засадуваат нови дрвја и ќе се уредуваат јавните површини. Чиста и уредна средина значи поздрави жители и поубаво место за живеење.

Антропол: На кој начин ќе овозможите транспарентност и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките?

Димитријевски: Јас и досега сум постојано меѓу луѓето и секогаш го слушам нивното мислење. Како градоначалник ќе воведам јавни расправи за сите поголеми одлуки и ќе отворам канали за постојана комуникација со граѓаните. Ќе се објавуваат јавно сите трошења на општината, за секој граѓанин да може да види каде одат парите. Општината мора да биде дом на сите граѓани, а не на тесна група луѓе околу градоначалникот.

Антропол: Имате ли планови за развој на локалната економија, поддршка на земјоделците и поттикнување на нови работни места?

Димитријевски: Да, и тоа е еден од моите главни приоритети. Ќе се даде земја на сите жители, а не само на 5–6 луѓе да обработуваат по 200 хектари. Земјоделството мора да биде подеднакво достапно за сите. Ќе иницираме формирање на аграрни задругарства за да можат земјоделците заеднички да набавуваат ѓубриво, семиња и механизација, што значи пониски трошоци и поголема конкурентност. Ќе работиме и на отворање можности за преработка и брендирање на локалните производи, за да се зголеми нивната вредност. Тоа ќе значи повеќе работни места и повеќе приходи за нашите семејства.

Антропол: Ако станете градоначалник, кои ќе бидат Вашите први три приоритети и по што би сакале да ве паметат жителите на Старо Нагоричане на крајот од мандатот?

Димитријевски: Моите први три приоритети се:

  • прво решавање на проблемот со амбулантата и здравствената заштита;
  • второ подобрување на инфраструктурата, особено водата и патиштата;
  • трето создавање услови младите да остануваат во општината.

Би сакал да ме паметат како човек кој им помогнал на луѓето да живеат подобро, кој ги решил проблемите што со години ги мачеле, и кој го оживеал културниот и спортскиот живот. Најголема чест за мене ќе биде ако луѓето кажат дека за време на мојот мандат општината за првпат почнала да личи на вистинско место за достоинствен живот.