На прес-конференција пред локални медиуми, Мирослав ПЕТКОВИЌ, кандидатот за градоначалник од Левица за Куманово, нагласи дека во градот и општината е потребна ревитализација на секој јавен простор, со акцент на Пионерскиот дом, како и секој друг јавен простор од кино и театар па се до паркови и други места каде што луѓето можат да развиваат културен живот и да споделуваат креативни идеи.
Левица Куманово порачува дека е време Куманово да си го врати својот епитет како еден од лидерите на културната сцена, како место од кое со децении излегувале врвни музичари, актери и други културни работници. За да се постигне тоа, се потребни функционални јавни простори за културно творење, нешто што со години е запоставено од институциите.
Петковиќ нагласи дека неговата визија не е само инфраструктурна, туку и општествена – создавање на активни, урбани простори каде што граѓаните ќе можат да се ангажираат, да се поврзат, да учествуваат во културниот живот и да развиваат заеднички проекти. „Не станува збор само за бетон и асфалт, туку за оживување на градот, за враќање на неговата културна душа и за поттикнување на нови генерации креативни луѓе,“ заклучи Петковиќ.

