Во интервју за Антропол, кандидатката за градоначалничка на Тетово од Левица, Катка Божиновска, зборува за својата мотивација да влезе во политичката трка, револтот од партиските пазарења во Западна Македонија и визијата за еколошко, урбанистички средено и транспарентно Тетово. Таа вели дека Русино ќе биде еден од првите предизвици, но најголемиот фокус ќе ѝ биде насочен кон чиста животна средина, квалитетна инфраструктура и поддршка за младите и нивните бизниси. Божиновска порачува дека сака да биде запаметена како градоначалник кој ветувал малку, но остварил многу.
Антропол: Предложени сте за кандидат за градоначалник на Тетово од политичката партија Левица. Што Ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура?
Божиновска: Мојата кандидарура за градоначалник на Тетово е резултат на револт што го предизвика одлуката во Западна Македонија да нема кандидати за градоначалници Македонци. Дали ова не е предавство на сопствениот народ? Дали Македонецот во Западна Македонија има право на избор или секогаш ќе бидеме монета за поткусурување во партиските пазарења? Време е ние обичните луѓе да ставиме крај на ова и да им покажеме дека Македонија е и после Групчин, дека сме тука, не има.
Антропол: Тетово со години се соочува со проблемот со загадувањето и депонијата „Русино“. Како Вие би се справиле со овој еколошки предизвик?
Божиновска: Тетово со години се гуши од згадување од депонијата Русино. Јас како градоначалник нема да ветувам чуда преку ноќ. Во првата година како итни мерки планирам контрола и редовно чистење на депонијата. Прскање и намалување на чадот и прашината и контрола од мобилни еко тимови Во среднорочни мерки планирам лобирање и партнерство со владата и ЕУ за отворање регионален центар за отпад и затворање на Русино. Како долгорочни мерки планирам зелена агенда за Тетово, намалување на отпадот преку образовни програми, воведување канти за селекција на отпад и подобрување на системот за собирање отпад. Користење на европски фондови за екологија и вклучување на граѓаните со транспарентни седници и граѓански совет за следење на проектите за Русино.
Антропол: Недостигот на зелени површини, дивоградбите и хаотичната урбанизација се меѓу најчестите забелешки на граѓаните. Кои ќе бидат Вашите решенија на овие проблеми?
Божиновска: Ова е едно од клучните прашања за Тетово. Хаотичната урбанизација и дивоградбите директно влијаат на квалитетот на живот,на сообраќајот,на загадувањето и на тоа како градот изгледа. Моите приоритети се:
- Јасен план за урбанистички ред преку изработка на нов транспарентен урбанистички план во консултација со архитекти, урбанисти и граѓаните;
- Воведување на дигитален катастар за да се знае точно што е легално а што дивоградба;
- Борба со дивоградбите,како запирање на нови дивоградби со засилен инспекциски надзор;
- Секоја нова зграда да има одреден процент на зеленило и паркинг и да ги запази инфраструктурните и сообраќајни стандарди ;
- Нови дрвореди во секоја населба и уредување на малите градски паркови како и заложба Тетово да добие градски парк.
Антропол: Инфраструктурата во Тетово, особено локалните улици, водоводот и канализацијата, е во многу лоша состојба. Што планирате за подобрување на овие услови?
Божиновска: Ќе ставам ред во градот. Јавниот интерес ќе биде пред приватниот. Стоп за дивоградби и хаотични градби. Чиста вода и уредна канализација за секој дом. Санирани улици со јасен план и приоритети. Зеленило наместо бетон, дрвореди, паркови и свеж воздух Ќе се залагам за уредно чисто и средено Тетово, за достоинствен живот на тетовчани.
Антропол: Образованието и условите во училиштата се клучни за младите. Какви мерки ќе преземете за подобрување на квалитетот на образованието и на спортската и културната инфраструктура?
Божиновска: Во сфера на образованието ќе се залагам за реконструкција на постоечките објекти, санитарии греење, вентилација и дворно уредување. За модернизација на училниците и инвестиции во дигитална опрема. Обуки и соработка со универзитетите во Тетово и невладините организации за нови наставни методи. Во доменот на културата потребна е реконструкција на постоечкиот културен дом, за поддршка на младински иницијативи како музички бендови, театарски групи, уметнички изложби. Организација на фестивали и манифестации што ќе го промовираат мултикултурниот дух на Тетово. Во спортот од клучно значење се мали спортски терени во секое маало бидејќи од тука почнува интересот на младите за спортот. Модернизација на спортските сали во училиштата. Поддршка за спортските клубови и младински лиги за да ги вратиме децата да спортуваат. Љуботен, како најстар фудбалси клуб на Балканот да стане бренд на Тетово.
Антропол: Економските можности за младите и спречувањето на нивното иселување се болна тема. Како би ја поддржале младината и малите бизниси во Тетово?
Божиновска: Јас работам со студенти и добро ја познавам проблематиката на младите. Скоро секој дипломиран студент својата иднина ја гледа во странство. Тоа треба да се промени. Потребни се итни мерки кои директно ќе ја подобруват економската клима и ќе создаваат можности за младите и малите бизниси. Поддршка на млади претприемачи преку намалување на локални текси и привилегии за мали и нови бизниси. Брза и едноставна процедура за регистрација на фирми. Поддршка во маркетинг и обука за менаџмент преку финансирање од локални фондови. Поттикнување на компании да ангажираат млади преку субвенции и партнери со локален бизнис сектор. Развој на локален туризам и културни манифестации што носат приходи за малите бизниси. Ангажирање на младите во донесување одлуки. Формирање совет за млади претприемачи и студенти, кој ќе ги советува за економските политики. Ќе создаваме можности за младите да останат во Тетово.
Антропол: Како ќе обезбедите транспарентно и одговорно работење на Општина Тетово и како ќе ги вклучите граѓаните во носењето на одлуките?
Божиновска: Во делот на транспарентност и одговорност ќе има онлајн платформа на која секој граѓанин ќе има пристап до буџетот на општината, договорите, трошоците да се јасно и разбирливо прикажани. Секој месец ќе објавувам извештај за трошење на јавните пари. Ќе се воспостави независна ревизија на буџетот еднаш годишно, а извештајот ќе биде јавно достапен. Ќе има отворени денови кога граѓанитеќе можат да дојдат и да постават прашања или да предложат решенија. Во врска со вклучувањето на граѓаните најпрво ќе формирам совети на месни заедници, каде ќе има јавни расправи, ќе воведам онлајн анкети и апликација за предлози и ќе стимулирам граѓанска иницијативи, со можност група граѓани да предложат проект кој ќе биде разгледан на советот на општината.
Антропол: Туризмот и Шар Планина претставуваат огромен потенцијал за развој на градот. Дали имате план за нивна подобра искористеност?
Божиновска: Во овој сегмент најважно е прво да се подобри патната инфраструктура и пристапот до туристичките центри. Развивање на Еко туризам со промоција на традиционална храна, култура и занаети. Потоа културен туризам, еко патеки, велосипедски и планинарски рути со јасна сигнализација, како и поддршка на сместувачки капацитети кај локалното население со планински куќи, етно туризам и друго. Зимски и летен туризам, преку модернизација на ски центарот Попова Шапка отворање жичара, сместувачки капацитети и спортски терени. Заштита на природата, како строга контрола на депониите и сечата на шум. Промоција и создавање на бренд, преку дигитални медиуми, туристички саеми и партнерство со туристички агенции.
Антропол: Ако станете градоначалничка, кои ќе бидат Вашите први три приоритети и по што би сакале да ве паметат жителите на Тетово на крајот од мандатот?
Божиновска: Ако ја добијам градоначалничката функција приоритетите на моето владеење би биле најгорливите проблеми со кои сега се соочува нашата општина и тоа:
- Чисто и здраво Тетово
- Инфраструктурата на градот
- Поддршка на младите
На крајот од мојот мандат би сакала граѓаните да ме паметат како градоначалник кој воведе ред и чесно управување со општината и ќе ја направи општината блиска до граѓаните. Да ме паметат како Градоначалник кој имал храброст за промена и ја претворил надежта во реални дела, градоначалник кој ветувувал малку а остварил многу.

