Црвена Младина со герила акција во Јегуновце: „Добродојдовте во скандинавска општина“

Активистите на Црвена Младина – Тетово денеска спроведоа герила акција во општина Јегуновце, по повод доаѓањето на премиерот во овој регион. Акцијата беше поставена веднаш после касарната Еребино, од каде младите со транспаренти го дочекаа премиерот со иронична порака.

„Добродојдовте во скандинавска општина“ – стои на паролата поставена пред дивата депонија во општината, која е километарска и претставува сериозен еколошки проблем.

Црвена Младина со оваа акција, јасно се обрати до Владата и до градоначалникот на Јегуновце, Димитар Костадиноски. Тие го обвинија дека за време на својот мандат не нашол решение за канцерогената депонија иронизирајќи дека „ветената скандинавска еколошка перспектива“ останала само празна фраза.

Активистите порачаа дека граѓаните на Јегуновце заслужуваат здрави услови за живот и дека локалната власт мора итно да најде трајно решение за депонијата, наместо, како што велат, да се занимава со маркетинг и политички ветувања.