Апасиев и Мециновиќ на средба со кубанската амбасадорка во Собранието

Претседателот на Левица и пратеник, проф. д-р Димитар Апасиев, заедно со својот сопартиец и колега во парламентот, Амар Мециновиќ, денеска остварија официјална средба со амбасадорката на Куба во Македонија, Н.Е. Марија Гарсија Хордан. Средбата, која се одржа во т.н. „Струшка соба“ во Собранието на Република Македонија, помина во пријателска и конструктивна атмосфера.

На разговорот беше нагласена традицијата на пријателски односи меѓу македонскиот и кубанскиот народ, како и историската основа за билатерална и мултилатерална соработка. Апасиев и Мециновиќ ја истакнаа блиската соработка на Левица со Комунистичката партија на Куба, потенцирајќи ја важноста на меѓународната солидарност.

Посебен акцент беше ставен на позицијата на Македонија во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации, при гласањето за укинување на економската блокада врз Куба. Левица уште еднаш го осуди вклучувањето на Куба на листата на земји кои наводно поддржуваат тероризам, оценувајќи дека тоа претставува неправеден и политички мотивиран чин што не ја одразува реалноста во меѓународните односи.

Средбата заврши со договор за поинтензивна комуникација и соработка, како на партиско, така и на институционално ниво, со цел понатамошно унапредување на односите меѓу Република Македонија и Република Куба.