На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот Димитар Апасиев од Левица јавно му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, кажувајки му дека тој е „првиот политичар во Македонија кој го имаме преценето, а не потценето“.
„Година и пол не може да сфати дека во Собрание пратениците се тие кои прашуваат, а министрите тие кои одговараат!“, нагласи Апасиев.
Тој додаде дека Мицкоски не сфаќа дека овде премиерот е должен да одговара, а не да прашува и дека Македонија има потреба од лидер кој има одговори, а не прашања.
„Вие мене со имот од Бела палата од 8 милиони евра, на криминалното здружение коешто ви е под конфискација, ми префрлате за имот од 300 илјади евра, под хипотека. Да, Левица расте, Левица се развива, Левица има имот, еве ве поканувам јавно да дојдете да испиеме едно кафе, бидејќи јас сум бил кај вас во вашата Бела палата.“
Тој исто така посочи дека пратениците од Левица немаат луксузни станови, фирми или скапи маички и часовници како владејачката партија:
„Па немаме ние, почитуван северномакедонски премиер, вили во Хрватска, на Јадранско приморје да одиме, немаме станови во Виена да одиме на викенд, немаме фирми во Белград со Анѓушот заедно да ги делиме тендерите од хидроцентралите, немаме маички од 700 евра, еве саати од 60 илјади, толку имаме, еден имот сме стекнале, дојдете да испиеме едно кафе, убаво го средивме да не се секирате.“
Аферата „Рубикон“, болната точка на премиерот, беше клучното прашање на Апасиев, пред премиерот да почне повторно да ја заташкува темата за Кочани со бламирање и одвлекување на вниманието.
„Моето прашање беше колку вие искеширавте од оваа агенција Рубикон, дали ќе си поднесете оставка, затоа што ја лажевте јавноста за Кочани? Секое прашање за Кочани завршува вака, со ваша бламажа и така и ќе си останете како политичар на статус кво-то, кој во историјата македонска нема да оствари ниту еден значаен резултат.“

