Јанчески: СТРАВОТ ОД ОТКАЗОТ – како корпоративниот капитализам ја плаќа инфлацијата на грбот на ИТ работникот

  • Пишува Емил Јанчески.

Повеќе од петнаесет години сум во индустрија што последниве години се менува со светлосна брзина – од класични циклуси за испорака, до интензивно динамични и агилни трансформации, преку клауд решенија, дата продукти и секако, вештачката интелигенција. И токму во момент кога технологијата ветува поголема продуктивност и стабилност, ние – ИТ работниците – се соочуваме со најголемиот парадокс: масовни отпуштања и перманентна несигурност.

Корпорациите ја продаваат приказната дека отпуштањата и замрзнувањата на плати се нужни за да се „одговори на инфлацијата“. Оваа логика на ортодоксната економија вели: повеќе вработени луѓе и повисоки плати; еднакво инфлација. Едниот аргумент оди преку побарувачка („луѓето трошат повеќе отколку што економски може да се обезбеди“), другиот преку трошоци („компаниите ги префрлаат повисоките плати во цените“). Но ова е само реторика што служи како камшик за дисциплинирање на трудот. Стабилизирање на цените преку дестабилизирање на животите на работниците.

Вистината е сосем поинаква; платите не се вистинската причина за инфлацијата. Она што е навистина во игра е распределбената борба. Капиталот сака да ги зачува профитните маргини дури и кога животниот стандард на работниците малку ќе се подобри. Инфлацијата не е „природен“ исход од покачувањето на платите, туку израз на класниот конфликт – управуван на начин работникот да ја плати цената.

Во мојата работа, гледам како во „софтвераштвото” денес, спрегата на ITIL и Agile методологии кои требаше да донесат квалитет, предвидливост и подобрување на услугата, се извитоперуваат во алатки за евтина рационализација или „оптимизација” на „ресурси“. Стануваат алиби за менаџментот што сака „lean workforce“: повеќе работа, помалку луѓе, без сигурност. „Во јазикот на повисокиот менаџмент повеќе не сме луѓе – туку „ресурси” за оптимизација, бројки на слајдови и колони во Excel.

Ако ја превртиме логиката, решението е сосема спротивно од она што го сервираат компаниите, односно корпорациите и нивните економски апологети. Наместо намалување на плати и отпуштања, треба да се удри по привилегиите на владејачката класа: ограничување на шпекулативните кирии, даноци на финансискиот капитал и реална распределба на богатството. Наместо товарот на инфлацијата да паѓа на оние што произведуваат и консумираат – да падне на оние што само акумулираат непроизводен „сурплус”, односно „Ц-костумашите” во бордот.

ИТ-индустријата денес е само огледало на пошироката општествена состојба. Работната сигурност не може да се остави на милост на пазарот или добрата волја на бордовите. Затоа како левичар, апелирам; време е ИТ работниците да престанат да се доживуваат како „привилегирана класа“ и да се организираат! Синдикално, политички, солидарно! Во спротивно, ќе останеме во циклусот на кризи што капитализмот, особено овој корпоративниот од Запад, мајсторски ги менаџира – секогаш така што сметката ја плаќа трудот.