Левица – Гази Баба: Лажните ветувања за Вардариште се повторуваат пред секои избори

Левица – Гази Баба испратија сооптение со кое ја обвинија власта и општинското раководство дека со години манипулираат со граѓаните преку празни ветувања за санација на депонијата Вардариште. Според партијата, актуелниот градоначалник Бобан Стефковски го преспал целиот свој мандат и токму еден месец пред изборите повторно нуди нереализирани проекти, додека жителите на Скопје живеат со последиците од отровниот чад и неподносливата реа што се шират од депонијата.

Бобан Стефковски го преспа целиот мандат, заборави на сите ветувања, за сега, само еден месец пред новите локални избори, без трошка срам, да ги повторува истите лаги. Ние ќе го потсетиме Стефковски на неговите лаги.

Од сите ветувања, најфатално за жителите е она за депонијата Вардариште, која последниве недели го зави Скопје во отровен чад и неподнослива реа.

За само две години територијата на депонијата се зголеми, а надлежните општински инспектори и Министерството за животна средина не презедоа никакви мерки за да го спречат тоа. Можевме да очекуваме ваков екоцид од власт за која профитот е заеднички именител, а функцијата можност за лично богатење.

Хронологија на ветувањата:

2014: Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје најавува „нова намена“ на Вардариште – запечатување, ремедијациски технологии, собирање гас и постројка за енергија. Во буџетот се издвојуваат два милиони денари и се изготвува физибилити студија за санација на депонијата.

2018–2021: Студијата од 2014 останува на хартија. Вардариште редовно се користи во предизборна реторика „ќе бде средено/оплеменето“. Во октомври 2021 година се појавува текст во медиумите: „Вардариште како предизборен трик за скопјани, студијата за санација на депонијата одамна е направена, а не реализирана.

Јули 2021: Петре Шилегов, тогашен градоначалник на Скопје најавува само „примарна заштита“ додека се бара модел за финансирање. Шилегов, како и за се останато, така и за Вардариште немаше пари во буџетската каса.

2021: Данела Арсовска и Тимчо Муцунски, кандидати за градоначалници на Град Скопје и Аеродром, помпезно најавуваат голем парк од ~100.000 м² во Аеродром

(„мега-парк“) и итно чистење на дивите депонии во тој појас.

Јануари 2021: Бобан Стефковски, новоизбраниот градоначалник на Гази Баба дава конкретно ветување, „спортски и рекреативен центар на Вардариште“.

Јануари 2024: Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје објавува дека „за првпат по 60 години“ започнува целосно чистење и санација на Вардариште, најавува концепт за „мега-парк и спортски комплекс“.

Септември 2025: Бобан Стефковски, актуелен и кандидат за иден градоначалник најавува „мега-парк од 300.000 м²“.

Во оваа какафонија од МЕГА лаги и предизборни ветувања на ДПМНЕ и СДС страдаат само граѓаните на Скопје.

БАРАМЕ одговорност од сите кои биле должни да преземат мерки, а тоа не го сториле.

Граѓани на Скопје, дали и на овие избори ќе продолжиме како и досега?