„Предација“ Изложба на слики од Александар Таневски во КИЦ

На 10 септември со почеток од 20 часот во Културно информативниот центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 1 ќе се отвори изложбата „Предација“ од Александар Таневски.

„Човекот секогаш убива она што со восхит го гледа — ѕверот во шумата, птицата на небото, светлината во окото…“
Секојдневието ни е тивко преплетено со траги од жртви: крзно на нашите алишта, кожа распната врз нашиот мебел, сочно месо поставено на нашата трпезарија и тоа речиси е толку нормално што никогаш не сме се замислиле на болниот пат до нас. Ако имаме можност да погледнеме во очите во моментот кога тоа животно ја издишува последната воздишка, што би чувствувале кога ги користиме тие работи? Благодарност? Нерамнодушност? Вина? Гордост? Или одвратност?
“Во очите не гледаш само светлина — таму се крие душата, неподвижна, а гласна како вик во тишина.”

ГРАБЛИВЦИ И ЖРТВИ

Фауната на Земјата е составена од илјадници видови и облици на живот — бескрајно разновидни суштества што развиле особени вештини за преживување: слух што ја слуша и тишината, вид што го гледа мракот, брзина што ја надминува смртта, мимикрија што ја измамува реалноста. Во таа витална игра на животот, ловот е инстинкт што ја пишува приказната на опстанокот.

Меѓу мечките, тигрите, рисовите, волците, лавовите, гепардите, крокодилите, змиите, ајкулите и бескрајната листа на предатори, сепак постои само еден што стои на врвот на хиерархијата — најсуровиот и најлукавиот ловец од сите: Човекот. Оној кој убива не за глад, туку за трофеј, навика, удобност.

Очи на предатор

Очите се најдлабокото сведоштво на животот. Во нив се среќаваат молкот и викот, заканата и трепетот, гладот и опстанокот. Еден поглед може да ја открие целата суштина на инстинктот — суровата моќ на предаторот или последната беспомошност на жртвата.

Овие очи претставуваат сирова енергија, животински нагон и природна хиерархија. Тие се метафора на длабоки емоции: лутина, агресија, страв, глад, односно примарниот порив за преживување. Како мотив будат чувство на опасност и будност, симболизираат доминација и потсетуваат на темните аспекти на животот. Погледот создава психолошка напнатост и ни дозволува во животинските квалитети да се препознаеме себеси.

Токму и затоа очите на грабливците и нивните жртви веќе подолго време го фасцинираат Ацо Таневски и го привлекуваат неговото внимание. Оваа опсесија не е само биолошка или симболична — таа е дел од неговиот поширок интерес за макро и микро димензиите на реалноста, начинот на кој секое нешто може да се согледа и како целина и како фрагмент.
Во неговите дела, животните се сведени на најмоќниот и најуниверзален симбол, и како огледало на душата — окото. Понекогаш тоа е зголемено до апстракција, до точка каде што исчезнува целосната слика на животното и останува само концентрираната енергија на погледот. Лишено од контекст, од клун, муцка, заби, уши или вилица, окото станува автономен мотив, чист концентрат на животинска присутност.

Во други композиции, Таневски ги претставува предаторите фронтално, во анфас, во симетричен баланс околу замислена оска. И повторно — без лицето, без телото — останува само погледот, двојната тишина што не гледа назад.

Ацо Таневски роден 1965 година во Скопје. Завршил средно уметничко училиште во 1984 год. како и Факултет за ликовни уметности (педагошки отсек со сликарство) 1991 во Скопје. Член на ДЛУМ од 1993 година, и активен член на Сојузот на ликовни педагози. Има 10- годишно искуство од областа на образованието. Во моментов вработен како ликовен едукатор во Национална галерија на Македонија. Организатор на едукативни работилници и изложби за млади. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност.

Може да ве интересира