Во пресрет на Денот на независноста, кога Македонија ја одбележи својата слобода и самостојност, пред нас стои и обврската да покажеме солидарност со сите кои денес се лишени од тие основни права. Додека политичките елити ја слават државноста, палестинскиот народ во Газа се соочува со секојдневен терор, уништување и геноцид. Молкот на македонската влада е соучесништво.
Затоа, младинската организација „Сите за П4лестина“ на 8 и 9 септември ве повикува да излеземе на улица, да покажеме дека нашиот народ не молчи пред неправдата и дека достоинството на независноста се брани само преку солидарност со угнетените.
Ви ја пренесуваме нивната покана и апел:
Во пресрет на Денот на “независноста” на Македонија и почетокот на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации, ве повикуваме да се собереме и да покажеме солидарност со палестинскиот народ и стоп за македонскиот молк пред геноцидот во Газа.
На 8 септември во 18:00 часот ве покануваме на солидарна палестинска кујна, каде ќе се служи домашно готвена палестинска храна во старата чаршија.
На 9 септемви во 18:00 часот ве повикуваме на протест пред Министерството за надворешни работи, во пресрет на македонското учество во Генералното собрание на ОН.
Во рамките на овие протестни настани ја повикуваме целата јавност да се потпише на петиција каде ќе се бара владата и меѓународните претставници на Македонија да гласаат со поддршка на Палестина во текот на ова собрание, и сите наредни гласања.
Што може и што мора да направи Македонија за Палестина?
• Да ја потврди својата поддршка за правото на самоопределување на палестинскиот народ. Да гласа во корист на Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и во прашањата за полноправно членство и хуманитарна помош. Да усвои официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа.
• Да воведе пакет санкции против Израел, имено според Државниот завод за статистика, во периодот 2021–2023 година Македонија извезла во Израел стоки во вредност од 23,5 милиони евра, додека увозот достигнал 43,1 милиони евра – со јасен трговски дефицит на сметка на македонската економија. Најголемиот дел од увозот е рафинирано гориво и хемиски производи, додека македонскиот извоз се сведува на прехранбени производи и лесна индустрија. Прекинот на оваа трговија нема да ја загрози домашната економија, туку ќе го намали непотребното трошење македонски пари за поддршка на воени злосторства. Да се прекине академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот „Бен Гурион“.
Зошто е важно?
Македонската влада не ги застапува интересите на народот кој живее на својата територија, а воедно и вредностите со кои се кити на меѓународната сцена. Соработката со Израел и со САД во оваа смисла допринесуваат само за тесните интереси на неколкумина, додека народот во Македонија секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманитарноста и мирот. Затоа, на 9 септември, излезете на улица и приклучете се кон протестот. Да го кренеме гласот против геноцидот, против молкот и против двојните стандарди.
Не во наше име!

