Вучиќ: Си Џинпинг нè покани во државна посета на Кина

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека кинескиот претседател Си Џинпинг го поканил наскоро да оствари државна посета на Кина, заедно со српската државна делегација.

„Си ни се обрати топло, не на вообичаениот бирократски начин. Ме покани мене како претседател и нашата делегација да оствариме државна посета на Народна Република Кина, за да можеме да постигнеме договор за краток временски период, во следните шест месеци“, рече Вучиќ.

Тој прецизираше дека со кинескиот претседател разговарале за поддршка во сите сфери на општествениот живот, соработката и нови инвестиции.

„Побарав инвестиции, но претседателот беше толку фер што самиот зборуваше за соработка во областа на вештачката интелигенција, роботиката и модерните технологии. Побарав и трансфер на технологија за цивилни потреби, но и за воени потреби, за разни видови производи и верувам дека ќе постигнеме огромен напредок по ова прашање“, истакна Вучиќ.

Тој додаде дека во разговорите биле опфатени сите инфраструктурни проекти, со посебен акцент на проектот „Експо“, како и на воено-техничката соработка и геополитичките прашања.

„Значи, за тоа што го чека светот, а се подразбира што го чека делот од светот од кој доаѓаме, Европа. Кина е, сакам да нагласам, најголемиот инвеститор во Србија како поединечна земја, со 7,2 милијарди евра. Имаме трговска размена од 8,5 милијарди евра, што е значително зголемување“, изјави српскиот претседател.