Локалниот огранок на партијата Левица во Битола реагира на хаосот околу Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“. Имено, каменот од велосипедските патеки, поставени во мандатот на актуелниот градоначалник, сега е нафрлан токму на делниците каде што секојдневно поминуваат илјадници граѓани и ученици од училиштето.
„Единствен причинител за овој хаос е спорот помеѓу приватниот сопственик и локалната самоуправа, која од 2017 година не најде решение. Тука е загрозена безбедноста на граѓаните и безбедноста на учениците кои секој ден се соочуваат со непријатни ситуации, паѓања и скршеници. Градот не е безбеден, хаосот е сè поголем“, порачуваат од Левица Битола.
Тие додаваат дека ако ова е резултатот на четиригодишното владеење на ДПМНЕ, тогаш граѓаните треба да се запрашаат какви би биле наредните четири години.
„Доколку во краток рок градоначалникот не го реши спорот, јавно ќе го повикаме да организира шведски модел во две дисциплини: трчање на сто метри со пречки и фрлање камен од рамо“, иронично додаваат од локалниот огранок на Левица.

