Скандалозен почеток на учебната година во скопското Oсновно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром. Учениците од седмо одделение, наместо во нормални училници, наставата ја следат во подрумски простории, за кои родителите велат дека се полни со влага, смрдеа и недостиг на природна светлина.
Левица – Аеродром излезе со остра реакција до локалната власт, укажувајки дека децата се изложени на здравствен ризик и психолошка траума.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да учат и да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага во импровизираниот подрум,“ велат од партијата.
Оттаму додаваат дека се работи за „понижување на најмладите“ и „срам за општината“, особено затоа што пред четири години ДПМНЕ ветиле целосна реконструкција на училиштата во Аеродром, но – како што нагласуваат – за време на нивниот мандат не е направено ништо.
„Левица – Аеродром бара итно обезбедување на нормални услови за овие ученици и нивно преместување во други училници, каде би ја следела наставата. Мора да се стави крај на оваа срамна состојба и сите деца во Општина Аеродром да добијат достоинствени услови за образование,“ стои во реакцијата.

