- Колумна на Жаклина Свеќаровска, координатор на Секторот образование при Левица
Додека општеството забрзано се движи кон дигитализација и нови технологии, нашите ученици се соочуваат со апсурдна реалност: деветтодделенци остануваат без часови по информатика. Причина? Недостаток на наставници. Затоа предметот е ставен да биде изборен, а учениците никако да го „изберат“. Исто е со шестоодделенците, наместо предметот Програмирање, кој е изборен, тие „избираат“ на пример Етика на религии. Избор? Само на хартија.
Слична е ситуацијата и во техничките училишта: намален фонд на часови по Математика во трета и четврта година (два, наместо три), Физика – целосно отсутна. Формално, учениците имаат право да ги изберат овие предмети како „изборни“, но реалноста е поинаква – кој ќе ги предава ако нема доволно наставници по тие наставни предмети?
Од овој септември, хаосот се прелева и во гимназиите. Одредени предмети се кратат или се ставаат на листата на изборни, под превезот на „реформи“, а суштината е сосема поинаква: училиштата се приспособуваат кон расположливиот наставен кадар, наместо наставниот кадар да се приспособува кон потребите на учениците. Најмногу трпат токму оние преку чиј грб се водат импровизирани политики со единствена цел да се згрижат што повеќе партиски потрчковци, без оглед на потребите од учениците за личен и општествен развој.
Што презеде министерката Јаневска, освен што направи неколку фотосесии на пресови и даде неколку интервјуа, во кои „нормално“ не кажа што прави, туку цинично покажа дека можеби и знае што треба да се направи, но тоа не е во склад со лицемерната политика на ВМРО- ДПМНЕ? Токму во време на претходниот мандат на ВМРО- ДПМНЕ училиштата почнаа да се пренатрупуваат со вишок непотребни, наспроти дефицит од неопходни наставни кадри, а СДСМ по нив не ја реши, туку продолжи да ја употребува таквата аномалија. Затоа сведочиме дека истовремено со најавите за оптимизација и кратење на бројот на вработени во образованието, и ова лето беа објавени стотици огласи за наставници на определено време. Јаневска потпиша купишта согласности за паралелки со помал број ученици ширум државата, се трансформираа бројни договори од определено на неопределено работно време за места кои уште оваа учебна година се непотребни.
Се прашуваме: Кој и по кои критериуми навистина, не на лажирани анкетни ливчиња одлучува што е „изборно“ за учениците? И од кога импровизациите со наставните програми е реформско?
Вистинска реформа на образованието ќе биде онаа во која интересите на учениците ќе бидат приоритет, а таква партиите кои се ротираат на власт така што лицитираат со работни места платени не само со јавни пари, туку и со јавен интерес и непросперитетност на целото општество- немаат капацитет да испорачаат.
Следи го Антропол преку Google 
