Станкоска: Скопје без јавни простори – капиталот пред луѓето

  • Став на Евгенија Станкоска

Скопје денес е град во кој недостигот на „трети места“ – јавни простори каде што луѓето можат да се сретнат, да разменат идеи и да градат заедница – не е само културна празнина, туку и политичка и социјална криза. Овие простори, како што ги дефинира социологот Реј Олденбург, се места каде што луѓето се среќаваат спонтано, без формални обврски, и каде што се создаваат неформални социјални мрежи кои ја поттикнуваат демократската култура и граѓанската активност.

Во Скопје, институциите кои некогаш беа столбови на културниот живот – како МКЦ и Универзална сала – се соочуваат со финансиски и политички притисоци, што резултира со нивно ослабување, исчезнување или опожарување. Додека некои помали иницијативи и фестивали се обидуваат да го пополнат недостатокот на простор за културна размена, нивната недоволна поддршка и ресурси ја ограничуваат нивната способност да создадат вистинска културна сцена. Во 2024 година, единствениот поголем бесплатен настан оддржан во Градскиот Парк беше организиран од корпорација, што дополнително ја истакнува доминацијата на приватните интереси во јавниот простор.

Дури и нешто едноставно како клупа во соседството може да биде „трето место“ – место каде што луѓето се среќаваат, разговараат со соседи, размислуваат или едноставно се чувствуваат како дел од заедницата. Но во Скопје, дури и овие скромни простори често се занемарени, оштетени или заштитени од невнимание и недоволно одржување. Кога дури и такви основни форми на јавен простор исчезнуваат или се деградираат, се продлабочува осаменоста и се губи секојдневниот, ненаметлив контакт меѓу луѓето кој ја одржува социјалната кохезија. Ова е пример за тоа како капиталистичкиот и комерцијализиран пристап кон градскиот простор ја намалува можноста за природни, слободни и достапни интеракции во заедницата.

Оваа состојба има сериозни последици по психолошкото и социјалното здравје на граѓаните. Истражувањата покажуваат дека недостатокот на третите места води до зголемена осаменост, намалена граѓанска активност и опаѓање на социјалната доверба. Кога луѓето немаат каде да се сретнат и да разменат идеи, се создава култура на изолација и апатија, што ја ослабува способноста на заедницата да се спротивстави на политичките и економските нееднаквости. 

Во контекст на капиталистичкото урбано планирање, третите места се претвораат во простори за профит наместо за заедничко живеење. Територијата на Скопје се користи како извор на добивка за урбанистичката мафија и инвеститорите, додека интересите на граѓаните и квалитетот на нивниот живот се игнорираат. Во вакви услови, јавниот простор престанува да биде достапен и инклузивен, се поттикнува индивидуализмот, апатијата и отуѓеноста, а културната и социјалната заедница се редуцира на ниво на потрошувачко искуство.

За да се врати духот на заедништво во Скопје, потребно е системско вложување во јавните простори и културните институции. Ова вклучува стабилно финансирање, обновување на уништени културни објекти и создавање нови јавни простори кои навистина ќе бидат јавни, достапни и инклузивни – а не да се издаваат или продаваат на приватни компании и инвеститори. Само така, Скопје може да стане град кој не само што е жив, туку и праведен, солидарен и на граѓаните.

Недостатокот на третите места не е само културна празнина; тоа е политичка и социјална криза која бара итна и решителна акција.