Тамара Јованов за најавата на Тошковски: „Нема ден да не покажат колку се неспособни!“

Најавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека од 2026 година ќе се воведат измени во Законот за безбедност на сообраќајот, според кои не само возачите, туку и пешаците и велосипедистите ќе бидат казнувани доколку користат мобилен телефон или друг електронски уред при движење, предизвика бура од негативни реакции на социјалните мрежи.

Професорката Тамара Јованов на социјалните мрежи објави остра реакција на оваа мерка:

„Нема ден да не покажат колку се неспособни! Може ќе ги забранат и мобилните следно!? Разбирам опомени, разбирам едукација на населението, адаптација на инфраструктурата, евентуално при преминување на улица да биде забрането, ама забрана за зборување при движење воопшто е нон сенс! Што пречи ако пешак се движи по тротоар и зборува на телефон?

Пс. Места кои примениле вакви ограничувања немаат значителни ефекти, бидејќи околу 90% од пешачките смртни случаи во сообраќајот се должат на грешки на возачи (брзина, не давање предност, пијанство, гледање во мобилен и сл). Ама со 9 милијарди кредит за враќање, нема да ме чуди да не’ казнуваат и ако дишеме забрзано.“

Тошковски во својата изјава посочи дека измените се дел од проектот „Безбеден град“, чија цел е зголемување на безбедноста на улиците и намалување на бројот на сообраќајни прекршоци. Со новите мерки се предвидува забрана за употреба на телефони и електронски уреди при управување со велосипед, мопед, мотоцикл, скутер, трактор и други возила, но и за пешаците при одење, преминување на коловоз или движење по велосипедска патека.“

Може да ве интересира