Фицо: „Украина не може да стане членка на НАТО – Без преговори за територијални промени, мир нема“

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека еден од основните предуслови за завршување на војната во Украина е јасното прифаќање дека земјата не може да стане членка на НАТО.

Во видео обраќање по онлајн самитот на лидерите на Европската унија, Фицо потсети дека од самиот почеток на конфликтот го изразил овој став, иако бил остро критикуван и дека останува убеден оти без вакво разбирање не може да има траен мир. Според него, дополнителна точка што мора да биде дел од преговорите се територијалните прашања, бидејќи, како што нагласи, не е можно да се оди напред без отворена дискусија за територијалните промени во Украина.

Изјавите на Фицо се совпаѓаат со позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој по средбата во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европски лидери, порача дека Киев нема да може да ја врати контролата над Крим и дека членството во НАТО не е опција. Трамп додаде дека можни се разговори за територијални компромиси како дел од мировниот договор.кјм

Паралелно со овие пораки, европските лидери разгледуваат алтернативни модели на безбедносни гаранции за Украина, кои би биле слични на членот 5 од договорот на НАТО, но без формално членство на земјата во Алијансата. Русија, пак, според дипломатски извори, не се спротивставува на таков аранжман, доколку биде прифатлив за сите страни и обезбеди гаранции за долгорочна стабилност.