Трогателни пораки од татко до ќерката Надица (17), која загина во пожарот во Кочани: „Гледам во небото и знам дека и таму блескаш“

„Секој ден без тебе е тивко потсетување на тоа колку длабоко те сакаме и колку ни недостигаш. Твојата насмевка, твојата енергија, твоите соништа сè уште одекнуваат во секој агол од нашиот живот. Имаше само 17 години, но во тие 17 години живееше со срце полно со љубов, добрина и светлина“, пишува Александар Наунов, татко чија ќерка загина во дискотеката „Пулс“ пред 5 месеци.

Александар Наунов е еден од татковците кои ги загубија своите чеда на кобниот 16 март во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Тој остана без 17-годишната ќерка Надица, која беше една од 62-те жртви во пожарот кој не го зави само Кочани во црно, туку и цела Македонија.

Оттогаш животот на Александар, на сопругата Габриела и нивната помала ќерка Ангела, веќе не се исти. Секој ден е исполнет со неопислива болка, со тага што тлее и не поминува.

И сите свои емоции, Александар често знае да ги преточи во емотивни пораки испратени до ќерката која ја нема скоро 5 месеци и која многу му недостига.

Александар на Фејсбук постојано објавува фотографии од Надица, дополнети со по неколку убави зборови преку кои ја искажува целата своја емоција за прерано загубената ќерка.

Ви пренесуваме дел од нив:

„62 деца замолкнаа засекогаш. Во една ноќ, полна со музика, смеа и младост, 62 млади животи беа украдени. Моето дете беше таму… и никогаш не се врати дома.

Го задуши истиот воздух што требаше да му дава живот — јаглерод моноксид, отров што го исполни просторот каде што требаше да има радост.

Тоа не беше судбина. Не беше несреќа. Беше резултат на немарност, алчност и трул систем кој не ја штити младоста.

Ниту едно дете не треба да плати со живот затоа што некој штедел на безбедност. Сега останавме ние – родителите со празни соби и прекинати соништа. Останавме со болка што нема лек.

И со едно прашање што ќе го поставуваме до последниот здив: Зошто никој не ги заштити нашите деца? Запомнете ги нивните имиња. Запомнете ја оваа ноќ. Болката што ја чувствуваме денес – утре може да биде нечии туѓи солзи“.

„Секој ден без тебе е тивко потсетување на тоа колку длабоко те сакаме и колку ни недостигаш. Твојата насмевка, твојата енергија, твоите соништа сè уште одекнуваат во секој агол од нашиот живот.

Имаше само 17 години, но во тие 17 години живееше со срце полно со љубов, добрина и светлина. Ни остави безброј спомени кои никогаш нема да избледат.

Понекогаш гледаме во небото и се прашуваме што ќе беше денес – но знаеме дека таму каде што си, блескаш како ѕвезда.

Твојот живот не заврши – тој продолжува во нас, во твоите соништа што ќе ги чуваме, во сеќавањата што ќе ги прераскажуваме, и во љубовта што никогаш нема да згасне.

Почивај во мир, мило мое дете. Засекогаш ќе бидеш со нас“.

„Животот повеќе не ми е важен. Не се плашам од смртта. Ја чекам, не како крај, туку како нова средба. Средба со мојата душа, со мојата ќерка.

Таму, некаде, се надевам повторно ќе ги почувствувам нејзините раце, нејзиниот глас, нејзиниот мирис. Таа е мојата светлина, мојата надеж, мојот вечен дом.

Сѐ додека не се сретнеме пак – ќе живеам само во нејзиното сеќавање. Таа е мојата љубов, мојата причина… и мојата вечност“.

Тој во една од пораките ѝ се обраќа и на помалата ќерка Ангела:

„До мојата храбра ќерка. Сè уште не можам да го пронајдам вистинскиот збор за болката што ја носиме откако твојата сестра замина.

За неправдата, за загубата, за тоа што нејзиниот глас беше замолчен со уште многу други… 60 млади животи згаснати, 200 ранети и илјадници скршени срца.

Но, во тој мрак, ти избра да станеш. Да излезеш на улица. Да носиш транспарент, да ја носиш вистината. Да бидеш глас за неа, за сите нив, за сите нас.

Гледајќи те таму, во толпата од илјада деца, видов надеж. Видов сила. Видов како љубовта што ја имавте, прерасна во храброст.

Сакам да знаеш нешто важно, ќерко моја: Никогаш не ја заборавај сестра ти. Носи ја со тебе – во срцето, во зборовите, во постапките. Ќе живее преку тебе, преку нас, преку сè што правиме за светот да стане подобар.

Во овој трул систем, ние сме твојот столб. Без разлика колку неправди ќе има, без разлика колку луѓе ќе свртат глава – ти ќе нè имаш нас. Ние ќе бидеме тука. Да те држиме, да те слушаме, да те поддржиме.

Сè додека дишеме, ќе зборуваме. За неа. За вас. За вистината. Те сакаме. Повеќе од зборови. Повеќе од сè“.

Извор: ЦРНОБЕЛО