- Став на потпретседателот на Левица, М-р Реџеп Исмаил – Хактан
Некако ми изгледа навистина бесмислено да коментирам за партија-декор на десничарска влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што е случајот со партијата ЗНАМ. Не затоа што ми е „испод част“, туку затоа што укажувањето на нивните идеолошки акробации и особено на несовпаѓањата помеѓу декларативните позиции и нивните конкретни политички дејства — ми делува како да се обидувам да објаснам нешто што е очигледно. Се чувствувам како капетан Очигледен (Captain Obvious).
Партијата ЗНАМ не е ништо друго освен внимателно спакуван вентил за незадоволство, пуштен во системот токму со таа цел – да го канализира отпорот кон „старата гарнитура“, но без да го наруши статус квото. Како кафез што е пребојадисан, па птиците мислат дека се слободни. Истите елити, исти интереси, само со нова амбалажа и реторика за „народот“.
Но денес, испровоциран од нивната апологија на Законот за изедначување на верските училишта со јавните (световни) средни училишта, сепак решив да прокоментирам за ова „движење“ — кое всушност стои во место.
Следниот пат кога некој од ЗНАМ ќе ви каже дека е левичар, па дури и „југословен“, само прашајте го:
Зошто ја штитеа постапката на претседателот на Собранието кога тој го прекрши принципот на секуларност во Собранитео злоупотребувајќи ја својата функција?
Зошто се дел од енергетската „стратегија“ со која се продаваат националните капацитети на странски компании, наместо да бараат државна сопственост врз стратешки ресурси?
Зошто соучествуваат во НАТО-политиките на Владата, особено во агресивната русофобна надворешна политика што оди во корист на туѓи интереси, а на директна штета на сите македонски граѓани?
Зошто, наместо да ја бранат секуларноста, сè почесто се појавуваат како гласноговорници на интересите на верските заедници?
Зошто го легитимираат системот на партизација на јавната администрација, додека во јавноста тврдат дека се за департизација?
Зошто не заземаат јасен став против укинувањето на прогресивниот данок, туку директно го одобруваат рамниот данок што ги фаворизира богатите?
Зошто се неми на секој обид за ревизија на антифашистичкото наследство и релативизација на Народноослободителната борба?
Зошто не ја оспоруваат милитаризацијата на општеството и не се залагаат за активен неутралитет и регионална соработка наместо сервилна интеграција во глобални воени структури?
Конечно, зошто не промовираат социјалистичка економија, туку остануваат неми на неолибералните „решенија“ кои ја претвораат државата во маркет за странски интереси?
Ако навистина се „левичари“ — тогаш во што точно се состои нивната левичарска позиција? Во апологијата на неолибералната енергетска приватизација? Во тивка согласност со позициите на верското клерство? Во релативирање на израелскиот геноцид врз Палестинците?
П.С. Не секое движење е поместување напред. Понекогаш, „движењето“ кое не го преиспитува сопствениот пат само го прави кругот на заблудата подлабок.

