Семејствата на жртвите од Кочани бараат јавно објавување на видео-снимката од состанокот со Мицкоски

Семејствата на загинатите во Кочани јавно го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да ја објави целосната снимка од состанокот што се одржа на 7 јули 2025 година во Владата. Ова е реакција на изјавата на премиерот, во која биле обвинети дека шират невистини.

Во име на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, во јавноста беше објавено следното соопштение:

„Почитуван Премиере,

Во име на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, со ова јавно реагираме и категорично демантираме дека родителите шират невистини, како што беше изјавено во Вашата изјава на официјалната веб страна на Влада на РСМ.

Во прилог на вистината, Ве потсетуваме дека на 07.07.2025 година (понеделник) во 17:00 часот, во Вашиот кабинет, се одржа официјален состанок помеѓу Вас и мнозинството од родителите на трагично загинатите деца. На истиот состанок целокупниот разговор беше целосно снимен од Ваша страна.

Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видео-снимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината.

Со почит,
Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани“

Може да ве интересира