Медресата „Иса Бег“ ќе добие државен статус, ВЛЕН задоволен – Ванковска предупредува на разградување на секуларноста

По повеќе од 40 години функционирање без правен статус, скопската медреса „Иса Бег“ наскоро ќе биде вклучена како рамноправно средно училиште во државниот образовен систем, откако Владата го прифати Предлог-законот за верските училишта. Законското решение, како што информира партијата ВЛЕН, треба да биде потврдено и во Собранието.

Од ВЛЕН велат дека усвојувањето на законот претставува „исправување на историска неправда“ и „крај на институционалната дискриминација“ за учениците кои досега завршувале образование без формално признати дипломи. Според нив, новото решение е изработено во согласност со Уставот и во консултација со релевантни институции, вклучително и со Исламската верска заедница (ИВЗ).

„Ќе продолжиме да бидеме глас на еднаквоста и гарант на правата за секоја институција што припаѓа на албанското наследство и идентитет во Македонија“, се наведува во соопштението од ВЛЕН. Одлуката беше поздравена и од вицепремиерот Изет Меџити, кој ја оцени како „историски чекор“ кон правда, инклузија и почитување на верскиот плурализам.

Сепак, ваквиот пристап наиде на реакција на дел од експертската јавност. Универзитетските професори Илија Ацески и Билјана Ванковска во изјави за медиумите предупредија дека интеграцијата на верските училишта во државниот систем може да го наруши принципот на секуларност.

Професорката Ванковска оцени дека станува збор за „проблематично решение“ кое го крши Уставот, според кој државата и верските заедници се одвоени. Таа посочи дека верските училишта се засноваат на догматски, а не на научен пристап, што е во спротивност со државната наставна програма.

„Во мултиконфесионално општество, каде младите и онака се сегрегирани по етничка и јазична основа, воведувањето и верска сегрегација е чекор назад“, оцени Ванковска, додавајќи дека не треба да се изедначуваат културната и верската припадност, ниту да се третираат како истоветни категории.

Дополнително, професорката потсети дека според членот 7 од постоечкиот Закон за средно образование, е забрането верско организирање и истакнување верски симболи во средните училишта. Таа смета дека новите законски измени ја бришат границата меѓу световното и верското образование, особено со тоа што верските училишта ќе добиваат државно финансирање.

Измените следуваат откако во април минатата година, Уставниот суд ја укина владината одлука со која медресата „Иса Бег“ функционираше како приватно средно училиште. Според најавите, новиот закон ќе овозможи и богословското училиште „Свети Климент Охридски“ да премине во статус на државно училиште.

Одлуката, иако претставена како акт на еднаквост, отвори поширока дебата за границите меѓу религијата и државата, улогата на верските институции во јавниот образовен систем и последиците врз секуларниот карактер на државата.