„Bella Ciao“ една од најпознатите и најмоќните песни на отпорот која ја надживеа својата историска епоха и стана глобален симбол на слободата и борбата против неправдата. Од нејзиното потекло во 19 век, како песна на обесправените жени-работнички во Северна Италија, па сè до нејзината улога како химна на антифашистичките партизани во Втората светска војна, „Bella Ciao“ има длабока и инспиративна приказна.
Песната била италијанска партизанска химна што потекнува од времето на Втората светска војна и била препеана од антифашистичкото движење на отпорот меѓу 1943 и 1945 година. Се смета за еден од најмоќните симболи на борбата за слобода и отпор против фашистичкиот режим и нацистичката окупација во Италија. Авторот на текстот останува непознат, што ја прави песната уште поуниверзална како глас на народот.
Сепак, „Bella Ciao“ има многу постари корени. Нејзината историја датира уште од 19 век, кога била народна песна на обесправените жени-работнички, наречени Мондинас, кои работеле на оризовите полиња во Северна Италија. Тие, стоејќи со голи нозе и колена во студената вода, часови со месеци ги плевеле полињата со ориз под тешки и нехумани услови. Песната била нивен начин на протест и израз на тешкиот живот што го живееле.
Првата аудио-снимка на „Bella Ciao“ е направена во 1962 година од италијанската пејачка Џована Дафини, а од тогаш песната била преведена и снимана на повеќе од 30 јазици од уметници ширум светот.
Со текот на годините, „Bella Ciao“ прерасна од партизанска песна во глобален симбол на слободата, правдата и отпорот против неправдата. Таа стана омилена и кај фудбалските навивачи, пеана на Светското првенство во 2018 година од италијанските, португалските и бразилските фанови.
Интересен момент во историјата на песната е и фактот што „Bella Ciao“ беше избрана да ја испрати на вечен одмор Јованка Броз, вдовицата на Јосип Броз Тито. Таа посакала токму оваа песна да биде изведена на нејзиниот погреб, што ја нагласува нејзината симболика како песна на борбата за слобода и достоинство.
Покрај историската важност, песната доживеа нов бран на популарност со појавата во серијата „La Casa de Papel“, каде што се користи како симбол на отпорот против несправедливиот монетарен систем и социјалната неправда.
„Bella Ciao“ продолжува да инспирира луѓе низ целиот свет, како песна која го изразува гласот на обесправените и желбата за универзална слобода и правда.
