Српската и кинеската армија во прва заедничка обука – Нов чекор во военото партнерство

Во покраината Хебеј, на северот од Кина, во втората половина на јули ќе се одржи првата заедничка обука на специјалните единици на кинеската и српската армија, под кодното име „Чувар на мирот 2025“, јавуваат српските медиуми повикувајќи се на изјава од портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Џијанг Бин.

„Тоа ќе биде првата заедничка обука на кинеската и српската армија. Ќе придонесе за зајакнување на борбените способности на учесниците и продлабочување на соработката меѓу двете армии“, изјави Бин.

Оваа вежба се одвива како стратешка соработка меѓу Белград и Пекинг, особено во доменот на одбраната. Во последната деценија, Кина се етаблираше како еден од клучните партнери на Србија во безбедносната сфера. Во 2020 година, Србија купи шест беспилотни летала од типот CH-92A од Кина, а во 2022 година и кинескиот противвоздушен ракетен систем FK-3, што предизвика реакции и загриженост во рамки на НАТО и ЕУ.

Со најавената заедничка обука, Србија продолжува да ја проширува својата воена соработка со Кина, држава која сѐ поотворено го демонстрира своето глобално безбедносно влијание. Аналитичари оваа вежба ја гледаат како дел од поширока геополитичка стратегија на Пекинг, чија цел е продлабочување на односите со земјите од Балканот – особено со оние што не се членки на НАТО.

За Србија, ваквиот пристап е дел од балансираната политика на „воена неутралност“, која подразбира одржување односи и со Истокот и со Западот. Но, ваквите маневри сè почесто се оценуваат и како потенцијален извор на тензии во регион кој сѐ уште се наоѓа под внимателно набљудување на западните безбедносни структури.

Вежбата „Чувар на мирот 2025“ ќе биде значаен тест не само за оперативната интероперабилност на кинеските и српските единици, туку и за отпорот на Белград кон можните политички притисоци што може да произлезат од оваа продлабочена соработка со Пекинг.

Може да ве интересира