Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против маж и жена, брачен пар, кои се сомничат дека на 9 јули со употреба на сила ја попречиле новинарската екипа на телевизијата Алсат М да известува за пожарот на отпад во скопската населба Визбегово. Обвинетите се товарат за кривично дело, спречување службено лице во вршење службено дејствие, по член 382 став 3 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, новинар и снимател со видливи телевизиски беџови пристигнале на улицата „Индира Ганди“, во близина на отпад за старо железо, за да извршат снимање поврзано со пожарот. Откако обвинетите им рекле дека немаат дозвола да снимаат на приватен имот, новинарската екипа сепак продолжила со работа, по што следел физички напад.
Жената прва го нападнала снимателот, го удрила со нога и со тупаница, го фатила за врат и ја превртела камерата, нанесувајќи и оштетувања. Кога новинарот се обидел да го заштити колегата и започнал да снима со мобилен телефон, бил удрен со нога, мобилниот му бил одземен, а потоа и тој бил удрен со шлаканица од страна на мажот, кој истовремено упатувал закани и навреди.
Обвинителството побара продолжување на мерката притвор за мажот, а куќен притвор за жената.
Покрај случајот со нападот, Обвинителството паралелно води предистражна постапка за околностите на пожарот и потенцијалното загадување на животната средина. Јавен обвинител и вчера бил на лице место за нов увид, а локацијата останува обезбедена.
До обвинителството веќе се доставени и резултатите од мерењата на токсични материи во воздухот, кои беа спроведени од страна на специјалниот тим за атомско, биолошко и хемиско (АБХО) дејствување на Армијата. Овие анализи се во тек, со цел утврдување на евентуални кривични одговорности поврзани со еколошката опасност.

