Убиецот од Батинци под потерница уште од лани – Сега најверојатно повторно во бегство

Муса Џавит, главниот осомничен за убиството на армискиот офицер што се случи минатата недела во скопското село Батинци, можеби веќе ја напуштил Македонија, и покрај тоа што по него е распишана меѓународна потерница веќе повеќе од една година. Според информациите кои ги објави ТВ 24, МВР ја активирало соработката со странски служби во обид да го лоцира и уапси, но досега без успех.

„Нашите органи соработуваат и се во постојана комуникација со органите на прогонот на сите земји каде постои индиција дека бегалецот може да се крие“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи. Она што најмногу ја вознемирува јавноста е фактот дека Џавит, и покрај богатото криминално досие и постоечката потерница, успеал повторно да делува и да изврши ново убиство на слобода.

Убиството на армискиот офицер, стар 50 години, се случи пред неколку дена на влезот од Батинци. Според првичните информации, таткото бил убиен со два куршума во градниот кош додека во возилото се наоѓала и неговата ќерка. Осомничениот Џавит, наводно, ѝ се заканувал на девојката поради одбиена љубов, а неколку часа пред нападот ѝ испратил серија заканувачки пораки. При враќање од лекарски преглед, тој им го пресекол патот, излегол од возилото и директно пукал во таткото, потоа побегнал.

Според податоците, Џавит бил ослободен од затвор во јуни 2023 година, каде издржувал казна за нелегално поседување оружје. Само еден месец по излегувањето од затвор, се сомничи дека го извршил првото убиство, кое исто така се поврзува со криминални пресметки во кругот на кланот Беланоца, познат по серија насилства и оружени инциденти.

И покрај меѓународната потерница, осомничениот продолжил да се движи слободно и на крај да изврши ново убиство пред сведоци. Овој случај уште еднаш го отвора прашањето за функционирањето на безбедносниот систем, пропустите во следењето на опасни лица и апсурдот во тоа што државата дозволува насилници со тешко криминално минато да останат недопирливи. Институциите досега не понудија одговор на прашањето како лице под меѓународна потерница успеало да се движи низ земјата, да дојде до оружје, и да убие повторно.