Мицкоски бира „најповолна“ понуда по познат шаблон – Оној нуди најповолни услови за корупција, а не за државата

Премиерот Христијан Мицкоски вчера уште еднаш се повика на „доверливост“ и „најдобра понуда“, одговарајќи на новинарско прашање за кредитните аранжмани околу финансирањето на брзата пруга од Коридорот 10.

Во изјава дадена пред медиумите, тој порача дека понудите од меѓународните банки и финансиски институции се класифицирани, а дека ќе се соопштат дури откако ќе бидат разгледани на владина седница. Според него, јавноста треба да биде „мирна и спокојна“, бидејќи Владата ќе ја избере „најдоброто“.

Но, она што најмногу го вознемирува јавниот разум не е ветувањето дека ќе се избере најдобрата понуда, туку токму фактот дека сè се одвива зад затворени врати, токму како што се правеше и претходно, со закони носени на шверцерски начин под европско знаменце, со тендери каде се избира „најповолниот“ што нуди најповолни услови за корупција, а не за државата. Ако сме научиле нешто досега, тоа е дека кога премиерот или министрите велат „најдобра понуда“, тоа значи, онаа каде може најмногу да се украде, најлесно да се манипулира и најдолго да се прикрива трагата.

Особено проблематично е одбивањето да се откријат каматните стапки на понудените кредити. „Не можам да ви кажам зашто понудите се доверливи“, рече Мицкоски, како да се работи за приватен заем што тој лично ќе го отплаќа од своја плата, а не за милионски обврски кои директно паѓаат на грбот на граѓаните. Јавноста има апсолутно право да знае под кои услови ќе се задолжи државата, кој кредит е најповолен, кој е најризичен, и кој е највисоко ценет од владините „експерти“. Недостигот на транспарентност не е случаен, туку системски избор, сè додека народот не знае, криминалот може да продолжи без пречки.

Во обид да внесе доза на оптимизам, Мицкоски додаде дека „работат исклучиво и само во интерес на граѓаните“, без притоа да наведе барем еден конкретен пример за нешто што навистина е направено во интерес на граѓаните, еден закон, една мерка, една одлука која навистина значела олеснување или подобрување на животот на обичниот човек. Ваквите празни фрази одамна не поминуваат кај јавноста која со години гледа како интересот на граѓаните постојано е жртвуван за интересот на партиските и бизнис елити.

На прашање за евентуалното влијание на американско-европскиот спор околу царините, Мицкоски изрази уверување дека „со јасна и концизна политика ќе го одржиме макроекономскиот баланс и стабилност, и граѓаните тоа нема да го почувствуваат“. Но вистината е дека граѓаните веќе го чувствуваат секој ден, преку инфлацијата, скапите кредити, празните портфели и минималниот раст кој постои само во табелите на Министерството за финансии. Ветувањата за „стабилност“ се бесмислени кога реалноста зборува поинаку.

Ако Владата навистина работеше во интерес на граѓаните, ќе беше прва што ќе ја објавеше секоја понуда, ќе дадеше споредбена анализа, и ќе ги вклучеше стручната и општата јавност во дебатата за вакви големи и долгорочни проекти. Наместо тоа, сè се сведува на „верувајте ни на збор“, од истите луѓе кои со години ја претворија довербата на граѓаните во обичен чек за потпис на долгови, лаги и измами.

Може да ве интересира