Собранието на Република Македонија го одби амандманот на Левица за формирање на специјализиран тим за набљудување и брза реакција при пожари, предложен од пратеникот Амар Мециновиќ во рамки на расправата за ребалансот на Буџетот.
Во својот говор пред пратениците, Мециновиќ детално ја образложи важноста на предлогот, истакнувајќи дека се работи за системска мерка која може да спречи катастрофални последици од шумски пожари, какви што секоја година ја погодуваат државата. Според него, предложената мерка се темели на искуства од европски земји кои веќе имаат функционални тимови за рано откривање и навремено интервенирање при појава на пожари.
„Предлагаме формирање на специјализиран тим кој би ја следел состојбата во шумите и планинските масиви и би реагирал навремено. Станува збор за чекор кој може да спаси и човечки животи и огромни материјални добра,“ посочи Мециновиќ.
И покрај образложението и потребата за ваква мерка, амандманот беше одбиен од страна на владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Левица потсетија дека слично сценарио се повтори и при донесувањето на Буџетот за 2025 година, кога беа одбиени и други амандмани поврзани со набавка на опрема и машини за справување со пожари.
„Со ова уште еднаш се покажува дека власта не ја разбира сериозноста на ризиците од пожари и не вложува во превенција. Во најжешката сезона, државата повторно останува без основна подготвеност, а штетите кои ќе следат ќе ги плаќаат сите граѓани,“ реагираат од Левица.
Иако штетите од пожари низ државата со години се повторуваат, мерките за превенција и рана интервенција сè уште не се приоритет за институциите. Одбивањето на амандманот се оценува како уште еден показател за недостаток на визија и политичка волја да се справи со една од најгорливите закани во летните месеци.
Видео од целиот говор на Амар Мециновиќ :

